Шведската национална банка планира да ја тестира дигиталната валута е-круна во реалниот свет, а во проектот ќе вклучи и комерцијални банки, пренесува See.biz.
Централните банки ширум светот планираат да воведат дигитални валути на централните банки (CBDC) како одговор на намалената употреба на готовина и како начин за забрзување на домашните и меѓународните плаќања.
Досега, пилот-проектот за е-круна беше симулиран само во рамките на „Риксбанк“, а во следната фаза, проектот ќе се прошири и ќе вклучува соработници како што се комерцијални банки, соопшти централната банка.
– Технологијата дава нови можности, но не е тестирана кога станува збор за обработка на малопродажни плаќања, според „Риксбанк“.
Пилот-проектот трае една година, со цел да се тестираат можните начини за јавна употреба на е-круната во Шведска, пренесува See.biz.
„Риксбанк“ сè уште не успеа да потврди кои банки или даватели на услуги за плаќање ќе помогнат во следната фаза на тестирање, но целта е да се процени како е-круната може да се користи и за големи комерцијални и за мали плаќања.
Истражувањето спроведено од Банката за меѓународни порамнувања во јануари покажа дека централните банки кои „покриваат“ една петтина од светската популација, најверојатно, ќе започнат да издаваат свои дигитални валути во следните три години. Многу централни банки гледаат на CBDC како средство за спречување на конкуренцијата на криптовалути и зачувување на улогата во платниот систем.
Досега, повеќето централни банки само ги истражуваат CBDC. Бахамите ги воведоа, додека Шведска и Кина започнаа да ги тестираат.