СТАНДАРД life
МК Сцена

„Кругот не е тркалезен, добредојде во Тирана“ – огромни почести за Манчевски

Културната и политичка јавност на Албанија го пречека најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски со огромни почести. Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, го нарече „мој херој“ во говорот пред премиерата на најновиот филм на Манчевски, „Кајмак“, кој го отвори Тиранскиот филмски фестивал. Пречекувајќи го во неговиот кабинет претходниот ден, Велиај го поздрави со зборовите „Кругот не е тркалезен, добредојде во Тирана“, цитирајќи реплика од легендарниот филм „Пред дождот“. Мајлинда Тафа, албанскиот претставник во Еуримаж изјави: „Конечно Милчо кај нас“, а министерката за култура Елва Маргарити, која дојде директно од аеродром, се заблагодари за извонредните пораки на неговите филмови. Агрон Доми, директорот на фестивалот, го претстави Манчевски со зборовите „мојот омилен режисер“.

Aлбанската државна новинска агенција, АТА, го наслови интервјуто со Манчевски „Уметник кој му објави војна на компромисот“ и го нарече „уметник со кој се гордеат нашите соседи во Македонија“, па продолжи: „Како и секој вистински уметник, тој шокира и го презира конформизмот“.

„Кајмак“ го отвори фестивалот во присуство на политичката и културна елита на Тирана. На отварањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски, како и амбасадори на шест други држави во Тирана.

Манчевски вчера одржа и мастерклас на тема „Наративни стратегии“, и одговараше на бројни студентски прашања на настанот преполн со професионалци и студенти кој го модерираше претставникот во Еуримаж Мајлинда Тафа.

Минатата недела „Кајмак“ беше дел од ретроспективата на Манчевски на i-fest во Калабрија, Италија, каде режисерот доби и Специјална награда, а минатиот месец филмот освои Награда за најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, како и Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) во Херцег Нови. Од претходните награди за „Кајмак“ се издвојува онаа на фестивалот Фантаспорто во Португалија.

После Синеквест, се појави нова рецензија за „Кајмак” во американските медиуми. „Муви гурме” вели за овој македонски филм: „Манчевски вградува повеќе значење во  Кајмак отколку што би имало во една обична секси лудорија, истражувајќи ги и императивот да се биде родител и еластичните граници на моногамијата… Сите улоги во Кајмак се одлични… Ликовите имаат многу секс – ем радосно откачен, ем грешен до наежување… Филмот е многу смешен, а Манчевски дури и слатко им намигнува на шпагети вестерните на Серџо Леоне“.( https://www.themoviegourmet.com/?p=40789 )

Во јуни „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген, а во октомври следува премиерата во Амстердам.

„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, Црна Гора, САД итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.

„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година.

Агенцијата за филм сè уште ги блокира двата проекти на Манчевски, „Кајмак“ и „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“), спротивно на одлуката на судот и на правното мислење на Министерството за култура. Јавна поддршка за Манчевски изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Федерацијата на здруженија на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Whistleblowing International.

Поврзани вести

Лара објави серијал од четири песни и четири видео записи

Urednik

Концертна промоција на „Васил“ вечерва во Куршумли Ан

Urednik

Антониа Гиговска со објава која ја шокираше јавноста: Дали овие зборови му ги упати на саканиот?

Radmila Tasevska