За појадок треба да подготвиме јадења кои долго ќе не држат сити за да го „преминиме“ напорниот и стресен ден, а рецептот со пита со месо е токму она што ни треба.
Со чаша јогурт, овој појадок ќе биде повеќе од одличен.
Состојки:
* 1 пакување кори за пита
* 500 гр мешано мелено месо
* 2 јајца
* 200 мл јогурт
* 50 мл кисела вода
* 1 главица кромид
* сол, бибер
* малку вегета
* масло
* 100 мл вода
Подготовка:
Излупете го и ситно исечкајте го кромидот и ставете го во тавче да се динста. Кога ќе стане „стаклен“, додадете го меленото месо и малку растурете го со процесор за храна. Зачинете и оставете да се пржи на средна температура.
За тоа време подмачкајте ја тавата во која ќе ја печете питата и вклучете ја рерната добро да се загрее.
Од пакувањето со кори за пита одвојте два листа и ставете ги на дното на тавата, а на крајот одвојте уште два кои ќе ги искористите. Потоа ставете малку фил од месо, па ставете два листа кора, па повторно филот и така додека не го потрошите целиот материјал. На крајот ставете ги двата листа кои ги одвоивте и исечете ја питата на саканите парчиња.
Јајцата се матат со јогурт, киселата вода и вегетата, па се прелива со исечената пита и се остава да отстои уште 10 минути за добро да се впие, особено во исечениот дел.
Печете до 30 минути на 200 степени.
На здравје!