Скопје ќе биде домаќин на втората интернационална конвенција за тетовирање, Skopje Tattoo Show 2024, која ќе се одржи на 12 и 13 октомври во Skopje Event Center.
Skopje Tattoo Show ќе биде место каде што ќе се слави различноста, креативноста и уметничкото изразување преку тетовирањето – форма на уметност која има долга историја и различни културни значења низ светот. Од традиционалните тетоважи до авангардните и модерни стилови, овој настан ќе понуди по нешто за сите љубители на визуелната уметност и оние кои го препознаваат значењето на телото како платно за креативно изразување. Настанот ќе ги обедини некои од најдобрите тату артисти од регионот и пошироко, претворајќи го градот во вистинска уметничка галерија.
Тетовирањето еволуираше од ниска форма на самоизразување до глобално призната форма на уметност која ги надминува границите. На годинашната интернационална тату конвенција ќе гостуваат повеќе од 50 познати домашни и странски тату артисти. Посетителите ќе можат да видат како работат овие мајстори и доколку имаат желба, ќе можат и да се тетовираат. Посетителите ќе бидат и сведоци на традиционални и современи тетоважи, неверојатна разновидост на стилови и техники како изгледа тетовирањето.
Skopje Tattoo Show 2024 ќе им понуди на посетителите и единствена можност да бидат сведоци на живи перформанси на некои од најдобрите тату артисти од светската сцена, кои ќе ги демонстрираат своите вештини и креативни способности пред публиката. Освен тетовирањето, програмата ќе биде збогатена и со одржување на работилници, семинари, воркшопови, панел дискусии и демонстрации во живо, кои ќе овозможат интеракција помеѓу публиката и уметниците.
Настанот е од компетитивен карактер. Двата дена ќе бидат преполни со натпревари и на самиот крај од деновите ќе се доделат награди за најдобрите тетоважи во повеќе различни категории.
Skopje Tattoo Show 2024 нема да биде празник само за очите, туку и за ушите. Покрај тетовирање, на конвенцијата ќе има и музички настапи, за кои ќе бидат задолжени THCF, Fire Show, Sarah Mace, Mario Arsov, Oky Doky, Soul Case, Bazel, Mongo & Omaru, Vaso, Chvare, Shorty P, Flooder и Pole People.