15.8 C
Скопје
19 септември, 2025
СТАНДАРД life
Здравје

Пет необични знаци кои укажуваат на недостаток на железо во телото

Железото е еден од клучните минерали за здравјето бидејќи овозможува формирање на црвени крвни зрнца кои носат кислород. Кога нема доволно од него во телото, се јавува анемија. Најчестите симптоми се замор, слабост и исцрпеност.

Сепак, постојат некои помалку познати знаци кои можат да укажуваат на недостаток на железо, а луѓето често не ги препознаваат веднаш.

Подолу ви посочуваме пет такви симптоми кои можат да бидат сигнал дека е време за преглед и крвни тестови:

1. Отечен или болен јазик

Еден од поретките симптоми на недостаток на железо е глоситис – состојба во која јазикот е болен, мазен, отечен или црвеникав. Поради воспаление на ткивата во устата, може да се појави непријатност, чувство на печење, сувост, па дури и тешкотии при зборување или џвакање. Ако забележите дека вашиот јазик е невообичаено чувствителен или има променет изглед, консултирајте се со лекар.

2. Желба за супстанции што не се храна

Ако чувствувате необјаснива желба да џвакате или јадете производи што не се храна, како што се мраз, хартија, глина или земја, можеби имате пика, нарушување во исхраната поврзано со недостаток на железо. Најчестата форма е пагофагија или џвакање мраз. Иако научниците сè уште не се сигурни зошто се јавува, оваа желба често исчезнува откако нивото на железо во вашето тело ќе се врати во нормала.

3. Немирни нозе, особено ноќе

Синдромот на немирни нозе предизвикува непријатни сензации во нозете, како што се чешање, печење и пецкање, и потреба постојано да ги движите. Симптомите обично се полоши ноќе и можат сериозно да го нарушат вашиот сон. Бидејќи мозокот користи железо за производство на допамин, кој е важен за контрола на движењето, недостатокот на железо може да го влоши овој синдром. Добрата вест е дека состојбата често се подобрува кога се зголемува внесот на железо.

4. Кршливи или вдлабнати нокти

Недостатокот на железо може да влијае и на изгледот на вашите нокти. Тие стануваат кршливи, тенки и лесно се кршат. Во некои случаи, се појавува состојба наречена „нокти во облик на лажица“ – ноктот е вдлабнат во средината, а рабовите се подигнати. Оваа промена јасно покажува дека на телото му недостасуваат хранливи материи потребни за обнова на ткивото. По терапијата со железо, ноктите обично се враќаат во нормала.

5. Тинтус

Тинитусот, или чувството на ѕвонење, свирење или зуење во ушите без надворешен извор на звук, може да има неколку причини, од кои едната е недостаток на железо. Кога телото не произведува доволно црвени крвни зрнца, снабдувањето со кислород е намалено, што може да влијае и на слушниот систем. Ако тинитусот се појави заедно со замор и бледило, дефинитивно треба да размислите за тестирање на нивото на железо во крвта.

Кога да посетите лекар?

Ако препознаете еден или повеќе од овие симптоми, особено ако траат долго време, би било добра идеја да направите едноставен тест на крвта. Недостатокот на железо може успешно да се третира со правилна исхрана и, доколку е потребно, додатоци во исхраната под стручен надзор.

Раното откривање и лекување можат да спречат посериозни здравствени проблеми и да ја вратат енергијата и квалитетот на животот.

Поврзани вести

Што се случува со телото кога спиеме 8 часа секој ден?

Urednik

4 групи на храни кои се „тешки“ за мозокот

Radmila Tasevska

Експертите потврдија дека ова се најздравите сирења во светот

Urednik