Кога сте уморни, имате настинка или едноставно сакате нешто топло и хранливо, ароматичната супа од карфиол е совршен избор и вистинско мало богатство на здравјето.
Добро е познато дека супите од зеленчук и месо се спас за настинки, бидејќи го освежуваат телото со есенцијални витамини и го зголемуваат внесот на течности, додека веднаш „нè враќаат во живот“ со својата топлина.
Рецепт за супа од карфиол
Класичната пилешка супа со зеленчук е секогаш добро решение, но ако сакате нешто малку поинакво, ви носиме едноставен рецепт за вкусна и ароматична супа од карфиол; зеленчук богат со витамин Ц, влакна и антиоксиданси.
Имено, само една чаша од овој варен зеленчук покрива околу 58 проценти од препорачаната дневна количина на витамин Ц. Овој витамин му помага на вашиот имунолошки систем подобро да се бори против вирусите и инфекциите, додека влакната го стимулираат варењето и го чистат телото.
Состојки:
1 главица карфиол (околу 900 гр), исечена на цветчиња
3 лажици маслиново масло
2 лажици путер
1 голем кромид, ситно исечкан
¼ чаша брашно
4 чаши пилешка супа од коцка
1 и ½ чаши млеко
¼ лажичка мелено морско оревче
1 и ¼ лажички сол
¾ лажичка црн бибер
1 лажица лук во прав
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 220 °C. Во мал сад, измешајте го морското оревче, солта, биберот и лукот во прав.
Наредете ги цветчињата карфиол на голем плех обложен со хартија за печење, прелијте ги со маслиново масло и наросете со зачини. Добро промешајте за да се премачкаат рамномерно.
Печете 25-30 минути, мешајќи повремено, додека карфиолот не омекне и не добие златно-кафеава боја. Откако ќе биде готов, лесно изгмечете го со вилушка или гмечалка за компири.
Растопете го путерот во голем сад на средна температура. Додадете го сечканиот кромид и пржете околу 10 минути, додека не омекне и лесно не порумени. Додадете го брашното и гответе кратко, потоа полека додадете ја супата од коцка и млекото, мешајќи постојано со жица за матење за да спречите грутки.
Кога супата ќе зоврие, намалете ја топлината и крчкајте уште неколку минути додека не се згусне. Додадете го пасираниот карфиол и добро измешајте. Доколку сакате, изгмечете ја супата со рачен блендер до саканата конзистенција – целосно кремаста или со неколку парчиња карфиол за текстура.
За дополнителна доза на хранливи материи, додадете една лажица јогурт или неколку капки сок од лимон пред сервирање – ова ќе ја подобри апсорпцијата на витамин Ц и ќе додаде свежина.
На здравје!
