СТАНДАРД life
Фото: UrbanFM
МК Сцена

Урбан ФМ – Радиото што „зрачи македонски“ започнува нова сезона со свежи идеи

Радиото кое веќе со години е синоним за урбана музика, позитивна енергија и современ радио израз – Урбан ФМ, ја започнува новата сезона со целосно освежена програма, нови емисии и млади, препознатливи гласови зад микрофонот. Под слоганот „Зрачиме македонски”, Урбан ФМ ја потврдува својата мисија – да ја промовира современата македонска музика, да ги поддржува домашните изведувачи и да го врати радиото како медиум кој инспирира, поврзува и создава култура на слушање македонска музика.

Најновото освежување во програмата е емисијата „Урбан Бла Бла“, која се емитува секој работен ден и веќе стана препознатлива по својата динамична енергија и комбинација на музика, разговори и теми што ги засегаат младите. Главен водител на емисијата е Марко Новески, добро познат по својот харизматичен пристап, остроумност и способност да ја води програмата со природен тек. На Марко секој работен ден му се придружува различна ко-водителка – секоја со своја професионална приказна, личност и автентичен поглед на светот.

Во понеделник, микрофонот го дели со пејачката Теа Трајковска, која преку својата музичка енергија и топлина го внесува уметничкиот дух во етерот. Вторник е резервиран за инфлуенсерката Дона Неделковска, која го спојува светот на радиото со дигиталните медиуми и трендовите на новата генерација. Среда е ден за Ана Јаневска, книжевен критичар и љубител на литературата, која во програмата додава интелектуална длабочина и културна перспектива. Во четврток, во етерот влегува пејачката Лара Иванова, со свој препознатлив шарм и искрена енергија, додека неделата ја заокружува Ивона Трајановска, претприемачка, коосновач на брендот за здрави закуски HiLife и претседател на здружението Phoenix Rising – првото здружение за обединување на младите претприемачи во Македонија.

„Урбан Бла Бла” е замислена како жив и спонтан формат во кој музиката, културата, забавата и општествените теми се преплетуваат на едно место. Слушателите можат да ја следат емисијата во живо на фреквенциите на Urban FM, но и во директен видео пренос на YouTube каналот Urban FM TV, каде што програмата добива и визуелен идентитет, приближувајќи го радиото до публиката на нов начин. Секое издание на емисијата се документира со реел видеа на социјалните мрежи, што создава секојдневна интеракција со публиката и овозможува дел од енергијата на етерот да се сподели и онлајн.

Покрај „Урбан Бла Бла”, во програмата на радиото останува и емисијата „Урбан Драјв” со Марко Марк, која нуди нешто поинакво – комбинација од музика, актуелни теми и телефонски вклучувања со гости кои ги коментираат настаните од денот. Со оваа динамична комбинација на емисии и водители, Urban FM ја поставува новата рамка на модерното радио – место каде што секој глас има тежина, секоја тема добива внимание, а секој ден носи нешто ново.

За издвојување се и утринската програма „Скопје се буди” (секој работен ден од 7.30 до 10.30 часот), како и уникатните емисии „Urban Fresh Release“, во која се претставуваат најновите македонски песни, и „Silent Coffee“, каде слушателите може да уживаат во музички микс од домашни автори и преработки, со што Урбан ФМ создава препознатлива звучна слика која е и модерна и домашна.

Со силна посветеност кон промоцијата на македонската музика и изведувачи, Урбан ФМ продолжува да биде партнер на домашната сцена. Радиото активно соработува со артисти, организатори на настани и брендови кои веруваат во локалниот потенцијал. Во таа насока, посебно значење има и фактот што Urban FM е покровител на годинешното, 40. издание на „Макфест”, најдолговечниот фестивал на македонската забавна музика. Со тоа, радиото ја потврдува својата улога како медиум кој не само што пренесува, туку и активно создава култура.

Новата сезона на Урбан ФМ е симбол на свежина, тимска енергија и автентичност. Радиото останува доследно на својата мисија – да „зрачи македонски” преку музиката, разговорите и идеите што ја слават креативноста и идентитетот. Со комбинација на нови лица, современа продукција и посветеност на квалитетна содржина, Urban FM уште еднаш го потврдува своето место како водечки урбан глас на македонскиот радио простор.

Поврзани вести

„МАЈКА“ ја отвора програмата „Хоризонти“ на Венецијанскиот филмски фестивал

Urednik

Почина Мето Јовановски

Urednik

„Јон Вардар против Галаксијата“ патува во Бразил

Urednik