Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска учествуваше на 43. средба на Клубот на гувернерите на централните банки од Централна Азија, Црноморскиот Регион и Балканот, која заради околностите коишто ги наметнува пандемијата на ковид-19 се одржа телеконференциски.
На средбата учествуваа гувернери и други претставници на централни банки од околу дваесет земји.
Настанот претставуваше одлична можност за размена на искуства помеѓу централните банки во врска со справувањето со предизвиците од корона-кризата. Искуствата покажуваат дека реакцијата на централните банки, во основа е преку намалување на основната каматна стапка, ослободување ликвидност во банкарскиот систем преку различни монетарни инструменти и проширување на листата на хартии од вредност кои се прифатливи за обезбедување на дополнителна ликвидност на банките од страна на централните банки. Одделно беа посочени и активностите за обезбедување поповолни услови за отплата на банкарските кредити од страна на кредитокорисниците погодени од кризата и стимулирање натамошно поповолно кредитирање, особено на погодените сектори. Сите овие мерки се дел и од веќе преземените мерки на нашата централна банка. Тоа уште еднаш потврдува дека и во текот на актуелната корона-криза, Народната банка, во рамки на своите надлежности остварува максимален придонес за македонската економија.
Во текот на дискусијата беше укажано и на потребата централните банки да имаат постепен пристап при преземањето на мерките и да остават дополнителен простор, со оглед на присутната неизвесност во однос на времетраењето на кризата. Истовремено, беше посочено и на потребата од обезбедување поддршка од страна на централните банки и во периодот кога ќе започне процесот на опоравување на економијата.
Гувернерите ја потврдија заложбата за водење политики кои ги поддржуваат ценовната и финансиската стабилност, а дополнително, во рамки на просторот за делување на централните банки, и поддршка на економското заздравување во времетраење колку што е потребно за да се надмине кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19.
Учеството на Ангеловска-Бежоска на средбата на Клубот на гувернерите е уште една потврда на определбата на Народната банка да биде активен учесник во активностите на централнобанкарската заедница и во овој период, придонесувајќи во размената на искуства и на мислења за можностите за натамошен придонес на централнобанкарските институции во справувањето со корона-кризата.