СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Димковски: Очекуваме непречен откуп и висока просечна откупна цена на тутунот

Денеска и официјално започна откупот на тутун од реколтата 2019-та. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ, денеска беа во посета на Тутунскиот комбинат Прилеп и на откупните пунктови на компаниите што вршат откуп на тутун во прилепскиот регион. Министерот Димковски посочи дека и оваа година се очекува стабилен откуп со високи просечни откупни цени на тутунот.
„Тутунот ќе го откупуваат девет компании. Сите компании имаат обезбедени средства за исплата.

„Инспекторите ќе бидат на терен и ќе ја следат состојбата со откупот. Од нашите податоци можеме да кажеме дека вкупно се евидентирани 226 мостри и 210 откупни пунктови. 204 мостри се од типот Прилеп, а 22 се од типот „јака“. Годинава вкупно биле засадени 13.342 хектари тутун и склучени биле 32.798 договори со девет компании. Издадени се 20.933 евидентни листови. Очекуваме околу 6 проценти поголемо производство на тутун. На откупните пунктови и на вагите има лиценцирани контролори и повереници на тутунарите кои ќе го следат откупот. Очекуваме добар и непречен откуп. Со оглед на најавата дека квалитетот на тутунот е подобар, очекуваме да се постигне и повисока откупна цена од ланската“, истакна министерот Димковски.

Вкупното производство на тутун од реколтата 2019-та изнесува над 26.700 тони тутун, што е за 6 отсто повеќе од реколтата 2018-та. Оваа година се исплатија 29 милиони евра по основ на новиот модел за зголемени субвенции за тутунот од реколтата 2018-та. Со новиот модел на зголемени субвенции што го воведе Владата на Република Северна Македонија, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.

Министерот Димковски посочи дека со новиот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, којшто е изгласан и стапи на сила, ќе се решат отворените прашања кои досега го оптоваруваа производството и откупот на тутун. Според законските измени, за тутунот од реколта 2020-та ќе се укинат евидентните листови. Ќе се изврши усогласување на календарот на активности (подготовка на земјиштето, расадопроизводството, садење, берба, сушење и откуп) со роковите за пријавување на производството на тутун, склучувањето на договорите и крајниот рок на завршување на откупот на тутун од страна на откупувачот на тутун. Новото законско решение овозможува транспарентност во врска со содржината на договорот кој треба јавно да се објави најдоцна до 28 февруари во тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот и на локалната веб страната на откупувачот.

Поврзани вести

Минималната плата за март ќе се зголеми за околу 400 денари

Влатко Зорба

Скопје Мериот хотел одбележува 5 години постоење

Битиќи: Акцентот на нашата соработка со земјите од регионот не треба да се става на проблемите, туку на решенијата

Влатко Зорба