СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Фајненс Тинк го честита изборот на новите министри за финансии и труд и социјална политика

Finance Think го честита изборот на новите министри за финансии и труд и социјална политика.

Според ФТ главниот предизвик на новиот министер за финансии е санирање на последиците од пандемијата врз економијата и јавните финансии, со цел ублажување на очекуваниот економски пад за 2020 и обезбедување план за понатамошно прудентно менаџирање на буџетот. Притоа, наведуваат во објавениот Став, фискалниот простор кој беше оценет како тесен и пред пандемијата, сега е понатамошно и значително намален, што ја нагласува потребата тој да се гради одново во пост-Ковид-19 периодот.

Ова, оценуваат, е особено важно од перспектива на потребата буџетот да обезбеди потенцијална поддршка на. ревитализацијата на економијата, преку евентуална дополнителна поддршка на најпогодените дејности особено услугите во угостителството и туризмот; ревитализација на економијата, преку идентификација на пунктовите што може да бидат носители на растот во пост-Ковид-19 периодот како поддршка на извозно-ориентираните компании во освојувањето нови пазари или во катализирање нови инвестиции во земјата

Предлагаат други нови или дополнителни мерки, како што е, на пример, потребата да се поддржат работодавачите кои ќе овозможат отсуство на работници со цел грижа за деца во училишна возраст до 10 години кои нема да посетуваат настава.

Справувањето со последиците од пандемијата неминовно ја зајакнува потребата од понатамошна консолидација на јавните финансии. Притоа, сметаат, консолидацијата, покрај преку буџетското штедење, мора да продолжи во насока на рационализација на расходната страна на буџетот, вклучително и преку елиминирање секакви можности за нерационално и коруптивно трошење. Рационализацијата на расходите порачуваат, треба да се фокусира врз елиминација на трошења чиј мултипликатор е низок и реалокација на средствата кон трошења со висок мултипликатор.

Според ФТ фискалната консолидација е неопходна и на приходната страна на буџетот, првенствено преку проширување на даночната основа во услови на непроменети даночни стапки. Тоа подразбира фокусирани напори за намалување на сивата економија, согласно Стратегијата за формализирање на неформалната економија, 2018-2022, која иако не е во директна надлежност на министерот за финансии, подразбира меѓуресорски координиран пристап со важна улога за ова министерство. Понатаму од борбата со сивата економија, министерот за финансии ќе мора да предложи ревидиран систем за оданочување на доходот на граѓаните и компаниите, најдоцна до крајот на мандатот. Оваа обврска, сметаат од ФТ, се наметнува по неуспешниот обид за прогресивно оданочување на доходот во 2019, поради малите ефекти врз доходната еднаквост и непосакуваните ефекти на даночно избегнување.

Finance Think го повикува министерот да отпочне широка дебата и консултации за ова прашање со сите засегнати страни уште од почетокот на својот мандат, а решението да произлезе низ консензуален процес, со јасна проекција на очекуваните исходи за буџетските приходи и распоредот на доходот на домаќинствата, притоа ставајќи го домаќинството наместо индивидуата во центарот на новиот систем.

-Расходната страна на буџетот е тесно поврзана со реализацијата на капиталните расходи. Во периодот јуни 2017 – март 2020, Владата не понуди решение за забрзување на извршувањето на капиталните трошења на државата. Finance Think во повеќе наврати укажуваше дека без промена на моделот за планирање, приоритизација и идентификација на тесните грла во извршувањето, како и ex-ante и ex-post анализа на инвестициските проекти низ призмата на нивниот мултипликативен ефект врз економијата, капиталните расходи и понатаму ќе бидат подреализирани, како што и се случи. Оттука, го повикуваме новиот министер за финансии уште од самиот почеток да се заложи за подготовка на Програма за јавни инвестиции, преку отпочнување широк консултативен процес со сите засегнати страни, и со експлицитно вклучување ex-ante кост-бенефит анализа на предвидените капитални инвестиции, наведуваат од ФТ.

Се уште останува релевантна нашата препорака за понатамошно зајакнување на управувањето со јавните финансии, преку имплементација на најавените структурни реформи.

За ФТ главниот предизвик за новата министерка за труд и социјална политика е санирање на последиците од пандемијата врз животниот стандард на населението, со цел влошувањето на сиромаштијата, губањето на работните места и намалувањето на можностите за вработување да бидат што помали. Во таа насока, сметаат, правците на дејствување на министерката во следните домени се од клучно значење за пазарот на труд и системот на социјална заштита.

Порачуваат дека консолидацијата на пензискиот систем е неопходно да продолжи по воспоставената патека од 2019 година, која беше прекината во 2020. Тоа подразбира дека пензиите ќе се усогласуваат со трошоците на живот, со цел одржување на животниот стандард на пензионерите. Предвиденото зголемување на минималната пензија на 10.700 денари ќе изврши неповолно влијание врз пензискиот дефицит, но ефектот нема да биде драстичен. Во секој случај, Министерката е неопходно да ја продлабочи дебатата за пензиската реформа во следните пет години, во насока на корекциите кај повеќе параметри, како износот на пензиите, заменските стапки, висината на пензискиот придонес, возраста за пензионирање, итн., со цел на среден рок значајно да се зајакне одржливоста на пензискиот систем.

Во реформата на системот на социјална помош и социјални услуги остануваат неколку предизвици подобрување на таргетирањето на системот на социјална помош треба да биде перманентен процес, со цел таа да стигнува до оние на кои им е најпотребна, а со цел искоренување на апсолутната сиромаштија во земјата; подигнувањето на системот за интегрирано управување со случај останува предизвик, главно во поглед на поврзувањето на Центрите за социјална работа и Центрите за вработување, со цел лица кои се во системот на социјална помош, а кои се работоспособни, да може побрзо, полесно и посоодветно да се активираат на пазарот на труд и да најдат вработување. Оваа функција на системот е особено важна во и по периодот на Ковид-19 криза, со оглед на растечкиот број лица кои остануваат без работа, и дел од кои ќе спаднат под системот на гарантирана минимална помош; 3. процесот на деинституционализација – еден од најуспешните скорешни процеси во сферата на социјалната политика – да се доведе до целосно заокружување.

Според ФТ децата, младите и жените, треба да останат во фокусот на министерката, како категории кои се сметаат за ризични и ранливи и на пазарот на труд и во социјалната заштита. Фокусот врз децата треба да биде ревоспоставен, особено имајќи предвид дека нашата Студија за политиките 30: Социјалните и економските ефекти од ковид-19 врз децата во Северна Македонија: Брза анализа и препораки за политиката најде дека ниедна од мерките за справување со последиците од Ковид-19 не беше директно насочена кон децата. Кај младите, првенствено е потребно да се изврши ригорозно оценување на прелиминарно-позитивните ефекти од проектот „Гаранција за млади”, а потоа да се согледа дали е неопходно негово калибрирање кон условите зададени со Ковид-19.

Поврзани вести

Да се намали бројот на закони кои се носат по брза постапка, бараат претседателите на стопанските комори

Влатко Зорба

Хуавеј Британија: Одлуката на владата за забрана за купување 5G опрема од компанијата е разочарувачка

„Виз Ер“ ги суспендира летовите од скопската база