И во време на светска пандемија, тековно се одвива процесот на реализација на странските директни инвестиции во нашата економија изјави на денешната прес конференција Марија Георгиевска, пратеничка на СДСМ.
Компанијата „ВИК (WIK) Македонија“ доби државна поддршка за вториот инвестициски проект на компанијата во технолошко-индустриската развојна зона Прилеп.
Станува збор за инвестиција во вредност од 2,5 милиони евра со која е предвидено да се вработат нови 100 лица.
Претходно, оваа компанија со седиште во Сојузна Република Германија инвестираше 10,5 милиони евра а во производствените погони веќе работат 250 лица.
Ова, почитувани е препознавање на позитивната и стабилна клима за инвестирање што ја гради Владата предводена од СДСМ, препознавање на предностите од членството во НАТО и забрзаниот процес на интеграција во ЕУ.
Доказ за тоа е што најголем дел од странските инвестиции доаѓаат токму од земји членки на ЕУ, каде предничат Германија, Велика Британија и Грција.
Со членството во НАТО, со процесот на отворање на преговори за членство во ЕУ, Република Северна Македонија станува атрактивна дестинација за сериозни странски инвестиции.
Во период кога се уште се соочуваме со економски предизвици поради коронакризата, Владата предводена од СДСМ продолжува со реализација на мерки и политики кои создаваат позитивна, стабилна и предвидлива бизнис клима и градење на нова, развојна македонска економија.
Продолжуваме да работиме уште повеќе, за да биде уште подобро за нашата економија, за нашите граѓани, рече Георгиевска.