Непрофесионализам и дилетантизам е денешната одлука на седницата на Советот на општина Гевгелија предводена од градоначалникот Сашо Поцков, за поднесување барање за одземање на дозволата за работа на компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје. Од компанијата потенцираат дека се на удар на неколку приватни компании коишто преку невладините организации и градоначалникот се обидуваат да ја затворат фабриката којашто има дозвола за работа.
„G&O Waste Solution ДООЕЛ ниту загадува, ниту произведува отпад, туку врши рециклирање на пластика којашто ја извезува за Република Турција. Ова што се случува денес во Гевгелија е линч за нашиот бизнис. Ние не сме единствена ваква фабрика во овој дел на Гевгелија, наспроти нашиот комплекс само на неколку метри има фабрика која се занимава со иста дејност. Прашуваме, ако сметаме ние, зошто тие закони не важат и за другите фабрики кои се во истата индустриска зона“, реагираат од G&O Waste Solution.
Од компанијата објаснуваат дека како производ на манипулациите на одредени лица дека постои наводно прекршување на законските прописи и нелегално работење со што се креира лажна слика за компанијата.
Компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје е трговско друштво коешто во својата подружница на ул. Индустриска бр.4 во индустриската зона во Гевгелија врши складирање и третман на отпад, поточно селекција и балирање на отпадна пластика, согласно дозволата за вршење на оваа дејност која што е издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање на 25.11.2020 година. Оваа дозвола е издадена согласно Законот за управување со отпад, а компанијата во Гевгелија ги почитува и работи според законските норми на државата и европските стандарди.
„Во повеќе наврати укажавме и побаравме повлекување на искажаните невистини од страна на општина Гевгелија, како и здруженијата Changemakers4all и Спас за Гевгелија за што испративме и официјални известувања за опомена пред тужба. Дополнително беа поканети сите заинтересирани страни да го посетат нашиот центар за селекција и балирање на пластика во Гевгелија за да лично се уверат дека нема ништо спорно и незаконски во работењето на нашата компанија. Но и покрај тоа, градоначалникот на Општина Гевгелија и претставниците на невладините организации ги одбија нашите покани. Прашуваме како формираат став за нешто што не го виделе? Како утврдија дека има неправилности ако не ги виделе?“, велат од G&O Waste Solution.
Според документацијата компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје се наоѓа во Индустриска зона во Гевгелија со намена Г2, Г3, Г4 – лесна и незагадувачка индустрија и за тоа добивме уверение за катастарска парцела КП бр.2232/1 КО Гевгелија од страна на секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животна средина во општина Гевгелија, а не е потребно издавање на посебно мислење или дозвола од страна на општината. „Од таа причина се неточни наводите изнесени од страна на градоначалникот Поцков и Советот на општина Гевгелија каде вели “Од општина Гевгелија не била побарана од страна на инвеститорот, а ниту издадена никаква потврда, согласно член 32, алинеја 2 од Законот за управување со отпад, дека „правните лица за да можат да ја вршат дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад мора да ги исполнуваат минимално-техничките услови во поглед на локацијата, потребната инсталација и опрема за складирање, третман и/или преработка на отпад и негово идентификување, како и системот за следење и видеонадзор на отпадот“, додаваат од компанијата.
Тие бараат од градоначалникот Сашо Поцков, Советот на општина Гевгелија и невладините здруженија кои веќе подолго време вршат јавни напади кон оваа компанија да одговорат на следните прашања:
1. Зошто останатите компании кои се наоѓаат во истата индустриска зона како и компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје се изземени од овие напади. Како се загрозува интегритетот и репутацијата на компанијата. Општината треба да го поттикне локален економски развој и да привлече инвестиции, не да ги брка.
2. Од која причина се бара поништување на дозволата на компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје, а не се бара поништување/одземање на дозволата на другата компанија која ја има истата дозвола и се наоѓа на исто растојание од прехранбена индустрија, во близина на населено место?
3. Кој е одговорен и која е вистинската позадина на овие организирани напади кон компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје?
G&O Waste Solution ДООЕЛ бара од надлежните инспекциски органи да извршат инспекциски надзор на компаниите во индустриската зона во Гевгелија со што ќе се утврди дали тие целосно ја исполнуваат обврската во однос на почитувањето на правилата за животната средина и хигиенските норми, така што било какво непочитување, неправилно работење и можно загадување на животната средина нема да бидат поврзани со нашата компанија.
Компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје ќе ги преземе сите правни средства за заштита на компанијата и вработените. „Ние сме компанија чии темели се грижа и заштита на животната средина, а со тоа и здравјето на граѓаните и нема да толерираме лаги и дезинформации кои ја прикажуваат компанијата во поинакво светло“, велат од G&O Waste Solution.