Македонска берза АД Скопје се приклучи кон глобалната иницијатива “Ring the Bell for Gender Equality”, со што за прв пат годинава влезе во друштво на стотина берзи ширум светот каде по повод Меѓународниот ден на жената со симболично ѕвонење на берзанското ѕвоно, се означува почетокот на тргувањето. Звоното на Македонска берза го зазвонија М-р Нора Алити, Претседател на Комисијата за хартии од вредност и Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза.
„2020 година, а веројатно и оваа 2021 се годините во кои ни требаат лидери, а не менаџери. Во период на силни промени се бараат брзи реакции и тешки одлуки. Меѓу најважните фактори како флексибилноста, прилагодливостa и разновидноста, родовата еднаквост е ,must have,, за денеска и за иднината. Време е да престанеме само да зборуваме за важноста на родовата еднаквост, туку и да делуваме. За мене, добро корпоративно управување значи и органи на управување кои што се родово балансирани и кои што го почитуваат принципот на еднакви примања за мажите и за жените за работни позиции со еднаква одговорност и вредност. Време е компаниите, особено котираните друштва, да постават специфични таргети за учеството на жените во органите на управување, не како посебен однос кон жените, туку како начин за мерење на прогресот кон исполнување на оваа цел. А, секако и како начин за одржување на континуитет на посветеноста кон родовата еднаквост и надвор од датумите поврзани со жените“, изјави во оваа прилика, Претседателот на Комисијата за хартии од вредност М-р Нора Алити.
“Приклучувањето на Македонска берза кон оваа глобална иницијатива, токму на меѓународниот ден на жената, е израз на нашите заложби темата за родова рамноправност во бизнисот во Македонија да ја подигнеме на повисоко општествено ниво и да се запрашаме каква е состојбата на овој план кај котираните акционерски друштва. Податоците што денес ги публикуваме покажуваат дека во органите на управување на сите котирани компании жените учествуваат со 24,2%, при што во 15,3% од компаниите тие се на врвните раководни позиции. Ова покажува дека простор за подобрување очигледно има. Притоа, компаниите каде директори се жени во 71,4% оствариле добивки во последните објавени финансиски извештаи. Тоа е во позитивна корелација со многу меѓународни истражувања што недвосмислено покажуваат дека компаниите раководени од жени имаат тенденција да покажуваат посупериорни резултати“ изјави Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза.
Иницијативата Ring the Bell for Gender Equality, почнувајќи од 2015 година се одбележува во многу земји, со цел подигнување на свеста за клучната улога на приватниот сектор во унапредување на родовата еднаквост, како глобална цел за одржлив развој. Овој глобален настан е инициран од IFC, The World Federation of Exchanges, Sustainable Stock Exchanges Initiative, UN Global Compact, UN Women и Women in ETFs.