СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Работодавачи: Неработењето во недела негативно ќе влијае врз продуктивноста и конкурентноста, можни се и отпуштања

Прогласувањето на неделата за неработен ден ќе предизвика финансиски загуби во одредени сектори, ќе ја намали продуктивноста и конкурентноста на компаниите и ќе ги принуди странските инвеститори да ја преиспитаат одлуката за инвестирање, беше посочено на денешната панел дискусија организира од Стопанската комора на Македонија. Панелистите се согласни дека прогласувањето на недела за неработен ден нема да ги даде очекуваните придобивки, туку ќе предизвика проблеми во работењето на повеќе сектори.

Во градежништвото ќе бидат пролонгирани роковите за градба, ќе се измести производствениот процес во компаниите, а во трговијата и кај спортските обложувалници, каде викендот е период кога има најголем број посетители, ќе има пад на прометот, што ќе повлече и отпуштања на вработените.

Проценките се дека во трговските центри околу 10 проценти од вработените ќе ги загубат своите работни места, а во спортските обложувалници една третина од вработените ќе останат без работа.

– Недела како ден учествува со околу 18 проценти во вкупниот промет на трговските центри. Неделата е еден од најпосетуваните денови во трговските центри бидејќи еден дел од популацијата не работи во недела и луѓето гледаат да го искористат своето слободното време во овие шопинг центри кои не се само дестинација за шопинг, туку и за забава, истакна Игор Давков од „Скопје Ист Гејт“, кој го гради најголемиот трговски комплекс во државата.

Предложеното законско решение, како што посочи тој, дозволува еден дел од закупците во трговскиот центар да работат во недела, а други да не работат, што пак ја доведува во прашање економската оправданост за работа во недела на трговските центри.

Спортските обложувалници, чија работа во најголем дел зависи од спортските настани кои главно се играат за време на викендот, со законското решение би имале пад на прометот повеќе од 70 проценти.

– Повеќе од 70 проценти од прометот во нашите објекти се реализира токму во недела, бидејќи тогаш се случуваат и најголемиот број на спортски настани во недела. Од друга страна, спортските обложувалници се објекти кои се посетуваат кога луѓето имаат слободно време. Тоа значи дека директно повеќе од 70 проценти ќе има намалување на прометот, а со тоа и неможноста да се покријат основните трошоци на работењето, истакна Васко Илијевски од Групацијата на спортски обложувалници.

Градежниците бараат сериозно да се преипита одлуката за неработа во недела бидејќи сметаат дека тоа ќе ја доведе во прашање навремената реалзиација на капиталните проекти.

– Како градежен сектор имаме направено анализи дека со неработењето во недела постигнуваме помала продуктивност во деновите пред и потоа. Значи деновите кога работниците треба да патуваат со оглед на тоа дека капиталните инвестиции се работат во реони кои не се матични за вработените, во саботите и во понеделникот ќе имаме помала продуктивност од 80 проценти, нагласи Андреа Серафимовски од „Гранит“ АД Скопје. Неработењето во недела ќе ги стави под знак прашалник и одлуките за инвестирање на странските инвеститори.

Според Виктор Мизо од „Костел“, ова ќе биде негативен сигнал не само кон постоечките странски компании, туку и кон потенцијалните.

– Ако условите за работа претставуваат пречка за искористување на опремата, тогаш тие потенцијално ќе го разгледуваат неивестирањето кај нас или на кој начин инвестициите кои се веќе присутни, да се преадаптираат на новите услови на работа, посочи Мизо.

Прогласувањето на неделата за неработен ден би предизвикало проблем и во преработувачката индустрија каде производствениот процес е 24-часовен и не дозволува прекин на работата.

Работодавачите немаат ништо против засилени инспекциски контроли, а во однос на тоа кој ден да биде слободен, доколку се работи во недела, сметаат дека тоа треба да биде оставено на нив. Последната везрзија на законот предвидува предлогот недела да биде неработен ден да почне да се применува од септември.

Поврзани вести

ИЦС-СИСТЕМИ доби тендер од речиси 630 илјади евра за осветлување на Валандово

Влатко Зорба

Туристичките работници повторно на протест, најавуваат блокада на патиштата

Берта Китинска

„Современ дом“ и „ЗСФ КОМ“ добија дозвола од КХВ да го преземат „Скопски пазар“

Влатко Зорба