СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Макроекономските показатели во согласност со очекувањата

Макроекономските показатели главно се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети. Ризиците и понатаму постојат, оценува Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Монетарната поставеност е соодветна поради што Комитетот на последната седница одлучил каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од два проценти. Исто така, е одлучено понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи денеска да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Економскиот раст во првите три квартали од минатата година од 3,6 проценти, според Комитетот, бил во согласност со проекциите за овој период од годината, а инфлацијата во 2019 година не отстапила значително од октомвриската проекција.

– Во отсуство на податоци за движењето на домашните цени во првиот месец од 2020 година, како и при претежно надолни корекции во поглед на очекуваното идно движење кај увозните цени, тековно ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2020 година од 1,5 проценти  се оценуваат како урамнотежени. Неизвесност околу очекуваното движење на светските цени на примарните производи во следниот период и натаму постои, информира Народна банка.

Остварувањата кај девизните резерви во 2019 година и првиот месец од годинава се подобри од очекувањата, при што нивото на девизните резерви и натаму е во сигурната зона. Податоците за надворешно-трговската размена за последниот квартал од годината укажуваат на повисок остварен трговски дефицит во однос на проектираниот.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за јануари покажуваат натамошен годишен раст и на депозитите и на кредитите, при што остварувањата не упатуваат на поголеми отстапувања од проекцијата.

Ликвидноста на домашните деловни банки е зголемена. На девизниот пазар во јануари, банките оствариле релативно висока нето-продажба на девизи за потребите на нивните клиенти. Покрај од сезонските фактори, овие движења биле одраз и на зголемената побарувачка на девизи од компаниите, заради отплаќање на нивните обврски кон странство.

– Банките во целост ја задоволија повисоката побарувачка на девизи од страна на клиентите од девизната ликвидност со којшто располагаат. Во такви околности, за разлика од претходниот месец кога Народната банка вршеше откуп на вишокот девизна ликвидност на банките, во јануари 2020 година таа немаше интервенции на овој пазарен сегмент, се вели во соопштението.

Во анализираниот период, банките немале потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити, со оглед на релативно високата ликвидносна позиција во домашна валута. Тие и натаму го насочуваа вишокот денарски средства кон расположливите депозити кај Народната банка, кои овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти и други видови инвестиции.

На почетокот на јануари, по подобрувањето на трговските односи помеѓу САД и Кина со потпишувањето на „првата фаза“ од трговскиот договор, пазарните учесници имаа позитивни очекувања за движењата на економиите, а со тоа и на меѓународните финансиските пазари. Во втората половина од месецот дојде до пресврт во очекувањата заради засилените надолни ризици за глобалниот економски раст со ширењето на вирусот корона од Кина. Со цел да ја заштитат вредноста на инвестициите, инвеститорите реагираа преку зголемени вложувања во побезбедни финансиски инструменти, што доведе до раст на цените на државните хартии од вредност, односно пад на приносите, апрецијација на САД-доларот и зголемување на цената на златото. Централните банки на развиените економии во јануари ја задржаа тековната поставеност на монетарната политика и натаму давајќи ѝ поддршка на економската активност, соопшти Народната банка.

Поврзани вести

ЈП Водовод и канализација: Без провизија, наплатата на фактурите да се врши по електронски пат

3 клучни структурни предизвици кои треба да се надминат за да се поттикне конкурентноста и инклузивниот раст во земјава

Влатко Зорба

Бислимоски: Енергетски компании бараат, на сметка од 1.000 поскапување од 50 денари

Влатко Зорба