Меѓу 30 и 40 отсто од граѓаните не ја прифаќаат понудата на банките за одложување на плаќањето на обврските. Кај некои банки веќе рокот за пријавување заврши, кај некои треба да заврши деновиве и следната недела треба да се има конкретнтно колку од клиентие не ја прифатиле можноста за одолжување на обврските по кредитите.
Банките во последните денови од март и првите денови од овој месец, а по донесување на Уредбата за олеснување на договорните услови на кредитите, со цел надминување и ублажување на негативните ефекти од кризната ситуација, на своите веб-страници објавија јавна понуда со услови за одложување на плаќањата на обврските по кредитите, кредитни картички и слично. Физичките лица, според објавата, требаше електронски или писмено, а во некои банки и телефонски, да ја информираат банката во зададениот рок, најчесто од 10 дена, доколку не ја прифаќаат понудата. Доколку не ја известат банката, понудата ќе се примени по автоматизам.
Она на што имаа забелешки граѓаните во однос на понудата е што банките за време на периодот за кој ја даваат можноста за одложување на плаќањето на обврската на клиентот му пресметуваат камата.
Одложувањето може да го користат сите што немаат нефункционални кредити, заклучно со 29 февруари 2020 година.
Одложувањето на плаќањето на обврските се однесува на периодот од 1 април. За март ратите по кредитите граѓаните требаше редовно да ги платат.
Уредбата за олеснување на договорните услови на кредитите е донесена со цел надминување и ублажување на негативните ефекти од кризната ситуација.
Одложување на плаќањето на обврските по кредитите, покрај за физичките лица, банките понудија и кај правите лица од три до шест месеци.
Покрај можноста за одложување за шест месеци на обврските по кредитите во банките и штедилници, олеснување на условите добија и корисниците на кредити од финансиските друштва.
Владата донесе уредба за примена на Законот за финансиските друштва за време на вонредна состојба, која предвидува во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица кои се корисници на кредити по договорите за кредит кои се склучени заклучно со 31 март 2020 година да ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70 отсто од редовниот месечен ануитет, а финансиските друштва не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци, провизии и/или казнени камати.
Согласно донесената уредба на Владата предвидено е од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица да плаќаат најмногу до 30 отсто од обврските по договорите за финансиски лизинг склучени заклучно со 31 март, при што рокот на плаќање на месечните ануитети, односно периодот на отплата се продолжува за најмалку 90 дена. Дополнително, давателите на финансиски лизинг во периодот април-јуни нема да пресметуваат и наплатуваат какви било трошоци (камати, провизии).
– Обврските врз основа на помалку платени ануитети во периодот од 1 април 2020 година до 30 јуни 2020 година рамномерно ќе се распоредат во месечните ануитети кои ќе доспеат по 30 јуни 2020 година. Во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година давателите на финансиски лизинг можат да ги менуваат и другите услови само заради олеснување на условите, а на корисниците кои во тој периодот редовно ќе ги отплаќаат обврските, давателите на финансиски лизинг можат да им дадат други поволности во однос на отплатата на обврските, се предвидува со Уредбата.