СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Министерството за финансии креираше онлајн-платформа за иницијативи од бизнисот

Министерството за финансии креираше онлајн-платформа преку која стопанските комори, фирмите и други правни субјекти и организации ќе можат да даваат предлози за решавање проблеми со кои се соочуваат, а се во надлежност на Министерството.

Ова, како што наведуваат во соопштение од Министерството за финансии, е реализација на ветувањето на министерката Нина Ангеловска што минатата недела им го даде на компаниите на средбата во Стопанската комора и е во насока на побрзо решавање на предизвиците со кои се соочува бизнисот и подобрување на бизнис окружувањето.

– Вашите барања може да ги преточите во онлајн-платформа, а Министерството за финансии детално да ги разгледа, да ги доработи и да излезе со конкретен одговор кога и како би можело да се реализираат. Владата мора да биде партнер на реалниот сектор ако сакаме да расте економијата, затоа што тој ги знае проблемите, а нашата задача и моја лична заложба ќе биде да му се олесни патот на реалниот сектор, им рече Ангеловска на средбата во Стопанската комора.

– Министерството за финансии, со цел да обезбеди ефикасен и унифициран пристап во јавно-приватниот дијалог со компаниите, го искористи прашалникот креиран во рамки на проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива, чиј дел се четирите стопански комори, стои во соопштението.

Во онлајн-платформата компанијата-предлагач на иницијатива, освен идентификација на проблемот и кус опис на моменталните околности, внесува и за кој сектор се однесува, како проблемот влијае врз конкурентноста, работењето и правната усогласеност на компаниите, какви се негативните финансиски импликации од него, со кои прописи е регулиран и кои државни институции се вклучени во негово решавање. Во онлајн-платформата, компаниите треба да внесат и како проблемот е регулиран во други држави, како неговото решавање ќе ја подобри конкурентноста на компаниите и кои други квалитативни и квантитативни резултати ќе ги има, какви ќе бидат неговите фискални импликации и кои се предлог-решенијата на конкретниот проблем. 

Онлајн-платформата е достапна на веб страната на Министерството за финансии. 

– Министерството за финансии останува отворено за сите предлози кои доаѓаат од бизнис секторот да ги дискутира заеднички на состаноци, кои ќе ги остварува со приватниот сектор со редовна динамика, наведуваат во соопштението.

Поврзани вести

Оддржана 37. седница на Клубот на истражувачите при Народна банка

Ангела Веселиновска

Ангеловска: До 25 јули издадени над 300.000 домашни платежни картички

Заев: Стартува помошта предвидена со четвртиот пакет економски мерки