Треба да се воведе ефикасен механизам за наплата на побарувањата што ги има приватниот од јавниот сектор. Да се почне со конципирање стратегија за долгорочен економски, одржлив развој на државата, да се рационализираат робусните буџетски расходи и да се пренасочат кон поддршка на јавното здравство, приватниот сектор, извозот и инфраструктурните расходи, да се воведе „полициски час“ за вработувањата во јавниот сектор, истакнуваат од Стопанската комора.
Во брошурата „За посилна македонска економија во постковид 19 периодот“ објавена на веб страницата на Комората, компаниите-членки, но и експерти, директори на банки, како и членови на МАНУ, даваат своја оценка и одговараат на прашањата каква е тековната ситуација во македонската економија, кои се клучните ризици за сегашниот и наредниот период, кои се најсоодветните правци на дејствување и кои чекори и мерки треба да се преземат.
Клучен проблем се смета раздолжувањето на државата кон компаниите, а ликвидоноста на стопанството се смета за еден од најголемите риизици.
„Можни се разни модалитети, како што е задолжницата, која би важела и за јавниот сектор, воведување фискален сертификат или други иновативни решенија. Навремената и целосна наплата на побарувањата од јавниот сектор ќе му овозможат на приватниот сектор олеснето и ефикасно планирање на готовинскиот тек, управување со сопствената ликвидност и планирање на инвестициската активност. Неопходно е долгорочно одржливо решение затоа што се работи за проблем што е сериозна пречка за развојот на приватниот сектор, бидејќи му ја влошува неговата ликвидност и му ја зголемува неизвесноста во работењето“, стои во брошурата.
Се додава и дека во услови на КОВИД, тешко е да се одржува синџирот на снабдување во кој се вклучени набавките, транспортот, администрацијата, прекуграничните предизвици.
-За нормално функционирање на економијата особено е важно да се обезбеди снабдувањето со нафта и со нафтени деривати. Затоа, врвен приоритет е зачувувањето на проодноста на транспортните коридори, особено со Грција, од каде што доаѓаат 75 отсто од вкупно увезените количини. Можните негативни последици од затворањето на транспортните коридори би биле катастрофални. Во таа насока, Комората, во соработка со надлежните институции, ќе преземе оперативни чекори за редовно следење на проодноста на транспортните коридори со соседните земји. Дополнително, во енергетскиот сектор е неможно сите вработени да работат од дома и затоа секој здравствен инцидент го успорува процесот, а здрави и квалификувани работници е сé потешко да се најдат, се посочува во Брошурата.
Воедно се укажува и на можен неповолен тек на настаните.
„Постојната економска криза има и свое непосакувано, неповолно можно сценарио. Во тој случај, последиците за определени индустриски гранки ќе бидат сериозни. Сѐ повеќе компании ќе го намалуваат производството и ќе се затвораат. Со тоа ќе се зголеми невработеноста, ќе се намалат приливите на буџетот, ќе се зголемува сиромаштијата и ќе се намали можноста за помош од државата таму каде што е потребно. Први на удар ќе бидат малите компании, потоа производствените компании кои произведуваат артикли што не се неопходни (конфекции), потоа туристичките и угостителските компании, па градежните компании, трговците на мало и компаниите што се занимаваат со издавање сопствен недвижен имот (молови). На крај и поголемите компании, сметат бизнисот и експертите“, велат од Стопанската комора.