СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Влада: Минимални трошоци за основање фирма и намалување на парафискалните давачки до 75 проценти

Основање фирма со минимален износ на основна главнина од 1 евро, укинување на фирмарина за првите две години за новооснованите компании и драстично намалување на трошоците за добивање правна документација за потребите на бизнисот, се дел од ветувањата на новата Влада што треба да се реализираат во следниот четиригодишен мандат.

Тоа значи дека граѓаните ќе можат да основаат фирма со минимални трошоци и да ги реализираат своите идеи и бизнис планови преку отворање на сопствени компании, а се најавува и целосна промена на системот за плаќање и за висината на фирмарина, согласно големината на претпријатието, бројот на вработени и годишните приходи.

– Нашата цел е да создадеме амбиент за динамичен и конкурентен бизнис, ослободен од политичките влијанија, намалување на административните процедури и бариери, а со целосно искористување на претприемачкиот дух и знаења на домашниот човечки капитал. Трансформацијата на економијата ќе биде следена со серија добро осмислени, практични и остварливи мерки за поддршка, кои реално ќе помогнат нашиот бизнис да биде растечки, развоен и одржлив. Како и досега, клучната поддршка ќе биде токму на движечката сила на нашата економија, на најголемиот сектор за вработување, создавач на вредноста и најсилниот потрошувач, а тоа се микро и малите компании, се вели во Програмата на Владата.

Олеснителна околност за новоформираните компании ќе биде и тоа што Централниот регистар задолжително ќе им издава т.н. „Информатор“ со сите важни информации за водење бизнис како што се документите што се потребни за едно трговско друштво, постапката за регистрација за ДДВ обврзник, можностите што ги дава државата за субвенционирање и поддршка, начините на пристапување и обезбедување на документација од државните институции….

Економскиот тим на Владата ќе треба да работи и на намалување на трошоците за добивање на потребната документација за потребите на бизнисот како што се документите од Централниот регистар, царината, документите за учество на тендери и.т.н., а во Програмата на Владата стои дека драстично ќе се намали цената за издавање на тековната состојба на претпријатијата.

Плановите на Владата се да биде укинат и данокот на личен доход за обуките, квалификациите и  добивањето на лиценци со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на работната сила со која располагаат компаниите.

Од Владата најавуваат и намалување на парафискалните давачки до 75 проценти и нивно нивелирање согласно големината на стопанските субјекти што е едно од барањата на стопанските комори. Неодамна на средбата со премиерот Зоран Заев, претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска изјави дека парафискалните давачки претставуваат поголемо оптоварување за компаниите, дури и од даночните давачки.

Планирано е да се укине надоместокот за поврзување на фискалниот апарат со серверите на УЈП и надоместокот за контрола на промет што го врши УЈП, а сервисирањето на фискалните апарати да биде бесплатно. Ќе се зголеми и временскиот рок за менување на СИМ-картичка од фискална каса од една на три години.

Владата планира да направи и регистар на парафискални давачки кој ќе биде редовно ажуриран и дополнуван, со што компаниите во секое  време ќе имаат увид и ќе може соодветно да ги планираат своите финансиски активности.

Поврзани вести

Димовски: Голем дел од обраќањата за прекршување на работничките права  се од работници кои не се синдикално организирани

Заев најавува и најмалку десет нови турски инвестиции

Влатко Зорба

ЕБОР и ЕУ во поддршка на малите бизниси во С. Македонија

Влатко Зорба