СТАНДАРД life
Храна

Рецепт за турски менемен: Се служи како појадок, но вие сами одлучете кога ќе го јадете

Се надеваме ќе ви се допадне рецептот за овој турски специјалитет – менемен.

Покрај тоа што е едноставен за правење, комбинацијата од пиперки, домати, со додавање на јајца и зачини, сето тоа подготвено за помалку од 30 минути, е идеално решение за оброк кога сакате свеж, вкусен зеленчук и имате малку време.

Во Турција обично се служи како појадок, но подеднакво е вкусен и за ручек, за вечера, па дури и за ужина.

Состојки:

* 4 пиперки во различни бои
* 3 големи домати
* 2 главици кромид
* 1 лута пиперка
* 3-4 јајца
* 20 мл маслиново масло
* 20 гр путер
* малку шеќер
* сол и бибер по вкус
* сецкан лист од магдонос

Подготовка:

Добро исчистете го и измијте го зеленчукот. Кромидот ситно исечкајте го. Излупете ги доматите и исечете ги на помали коцки.

Пиперката исечкајте ја на коцки, а од лутата пиперка исчистете ги семките и исечете ги на прстени.

Во длабока тава ставете ги путерот и маслото да се загреат, па додадете го кромидот и пропржете го додека не стане стаклен.

Потоа додадете пиперка, малку сол и поклопете да се динста додека не омекне.

По пиперките, доаѓаат доматите во кои исто така ќе додадете малку шеќер и повторно поклопете се да се динста додека не омекне. Кога ќе се распадне, со вилушка изгмечете ги малку доматите.

Искршете јајце во омекнатиот зеленчук, додадете бибер и сол по вкус, а потоа измешајте сè за да се соедини. Оставете сè уште неколку минути за да се „крчка“.

Топлиот менемен посипете го со сечкан магдонос и послужете со домашен леб.

На здравје!

Поврзани вести

Рецепт за домашен колач од корнфлекс со чоколадо

Urednik

Рецепт леб што треба да го јадат жените во педесеттите години

Urednik

Започна сезоната на храната која се нарекува лек за „сто болести“

Radmila Tasevska