СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

ФИТР: 203 стартапи продолжуваат во следна фаза на јавниот повик Стартапувај 2

Вкупно 203 од 235 стартап компании кои аплицираа на вториот јавен повик „Стартапувај 2“ на Фондот за иновации и технолошки развој и Светската банка ја поминаа фазата на административната проверка и преминуваат во претселекција. Фокус на овој инструмент се младите, а целта е поттикнување на истражувачките и развојните процеси за нови бизниси, со потенцијал за повисока додадена вредност.

Овие компании, како што информираат од Фондот за иновации и технолошки развој, планираат инвестиции во вкупен износ од 7,3 милиони евра, од кои над 1,6 милиони се сопствени средства, а останатите се побаруваат од Фондот и Светската банка. Побаруваниот износ е околу 4 пати повисок од предвидениот обем на средства за јавниот повик.

Од овие апликанти, 165 се нови, односно првпат поднесуваат предлог – проекти до Фондот, 33 аплицираат по втор или повеќе пати, додека само 5 се постојни корисници на средства на Фондот.

– Според анализите, овие компаниите планираат 563 нови вработувања за реализација на предложените проекти. Најголем дел од нив се микро (179) и мали (24). Доминантен е ИТ секторот, но апликации има и од 14 други области, меѓу кои маркетинг, трговија и продажба, медицина и здравство, како и угостителство, земјоделство и образование, се вели во соопштението од ФИТР.

Во него се додава дека апликантите кои продолжиле во следната фаза се со регистрирани седишта во 23 града. Во најголем дел се од Скопје, но меѓу другите има и од Штип, Битола, Кавадарци, Струга, Тетово, Охрид, Неготино, Дебар, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Свети Николе.

Фондот, како што информираат оттаму, во соработка со Светска банка, изготви и формулар за проценка на ризиците од актуелната криза со Ковид-19 и последиците врз бизнисите. Оваа мерка ќе помогне во прецизна проценка на потребите, а ќе овозможи и поддршка и брзо прилагодување кон изменетите пазарни услови за овие компании. Проценката на ризик и предложените мерки за прилагодување од самите компании ќе бидат и составен дел од натамошниот процес на евалуација и одлуката за доделување на ко-финансирање.

Процесот на претселекција, како следна фаза, ќе се реализира во целост согласно препораките за превенција и заштита од Ковид-19, а на истиот ќе бидат ангажирани дел од над 200 домашни стручни лица, организирани во 23 области. Конечната одлука за кофинансирање ќе ја донесе Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, а согласно утврдените критериуми за оценка: степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим, пазарен потенцијал и влијание.

Мерката за проценка на ризикот врз бизнисот, со дефинирање на прецизни мерки за брзо прилагодување во новонастанатите услови на пазарот се проширува и врз апликантите од финалната фаза од Јавниот повик за технолошки развој – редовна постапка. Фондот, во соработка со Светската Банка и други домашни и меѓународни партнери работи и на натамошни мерки што треба да овозможат итна поддршка и брзо прилагодување на бизнисот, што ќе се презентираат во следниот период.

Поврзани вести

Традиционалистите нека седнат: BMW воведува „Neue Klasse“

Влатко Зорба

American Airlines најави отпуштање на 13.000 вработени

Влатко Зорба

255 милиони работни места исчезнаа поради пандемијата (инфографик)

Влатко Зорба