Малите и средни претпријатија до 50 вработени, во чии рамки спаѓаат и геодетските компании, кои се главно семејни по стуктура, трпат големи финансиски загуби со секој изминат ден, велат од Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи каде членуваат 136 геодетски компании во кои работат 900 вработени.
Со цел да се обезбедат релевантни податоци и да се креираат мерки за ублажување на последиците од пандемијата, Комората на овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи изврши скенирање на состојбата кај своето членство за очекуваните финансиски загуби од позиција на неработење и редуциран сет на извршни дејства во амбиент креиран од вирусната инфекција на целата територија на државата. Анкетните резултати покажаа дека сите компании се соочуват со намален обем на работа од 50 % до 90%, одделни компании и воопшто не работат и вработените се пуштени дома, 52 % од компаниите одговорија дека имаат вработени, коишто согласно препораките отсуствуваат од работа, 90 % од компаниите одговорија дека одлуката за забрана и посебен режим на движење влијае врз работењето на нивната компанија, а штетите коишто секојдневно се трпат кај компаниите се движат од 50% до 100 % . Идентификуваната активна состојба на команиите е лоша, а очекувањата се дека уште повеќе ќе се влошува. За таа цел Комората на овластени геодети предлага мерки, коишто ќе го олеснат работењето на компаниите и ќе ги ублажат штетите.
Горан Јованоски, претседател на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи го истакна сетот на мерките и тоа иницијално во периодот додека трае вонредната состојба, па сè до стабилизирање на состојбата.
Геодетските компании да бидат дел од Владиниот пакет за исплаќање на минимални плати од Буџетот, како и во регулирањето на ослободителните мерки поврзани со придонесите и другите мерки кои Владата ќе ги регулира по основ на даночната политика.
„Сметаме дека државата треба да изврши покривање на реалните трошоци (фирмарина, трошоци за годишно одржување на фискалните каси, струја, вода, комунална хигиена, итн.) на геодетските компании во висина од 100%, понатаму итно одлагање на плаќање на данокот на додадена вредност и данокот на добивка сè до стабилизирање на состојба. Компаниите коишто имаат кредит од комерцијалните банки, исплатата на истиот да биде пролонгирана до конечната стабилизација на состојбата. Следна мерка е да се стави вон сила Тарифникот за висината на надоместокот за заверка на геодетските елаборати за извршени геодетски работи како и да се стави вон сила целиот Tарифник за висината на надоместокот за користење и увид на податоците од геодетско-катастарскиот информационен систем за податоците кои ги добиваме во електронска форма. Исто така, потребно е да се стави вон сила членот 11 за увид на податоците во електронска форма и член 17 за користење на податоци од Глобалниот позиционен систем (MAKPOS).
Владата да обезбеди финансиски средства за воспоставување на Адресен регистар кој е непходно да се воспостави на територијата на целата државата, Комората е цврсто уверена дека во овие процеси е потребно без исклучок да бидат вклучени сите приватни геодетски компании – членки на Комората“ изјави Јованоски и додаде дека формирањето на адресниот модел на цела територија на државата ја обезбедува рамнотежата во сервисните реализации, коишто се базираат на просторната дистрибуција, вклучувајќи ја недвижноста, а преку неа и граѓанинот во сите просторни анализи.
Тој појасни дека станува збор за креирање на амбиент за полесно дејствување на институционалните органи (полиција, војска, брза помош, локална самоуправа, заштита на животна средина, проценители на вредност на недвижности, итн.) и индивидуални дејства со цел точно и прецизно лоцирање на секоја адреса на секој објект. Во комбинација со други податоци во конкретниот проблем со COVID-19 се покажа како потреба за ефикасно просторно лоцирање на лицата заболени од истиот, односно ефикасно извршување на самоизолација и карантин.
Тој додаде дека потребно е да се предвидат проекти за да се обезбеди работа на приватните геодетски компании, како подобрување на податоците на катастарот, обнова на премерот во сите општини каде на сила се стари премери и планови донесени со конверзија, односно дигитализирани стари планови.
Следна мерка е да се даде можност, реализацијата на сервисите кои Агенцијата за катастар на недвижности ги врши по службена должност за потребите на физички лица, како и за потребите на Владата и другите државни институции во иднина да бидат реализирани од страна на приватните геодетски компании. Понатаму, да се формира заеднички експертен тим на Агенцијата за катастар за недвижности и Комората со намера да се лоцираат нови бизнис ангажмани на компаниите преку кои ќе се подобри квалитетот на базата податоци на катастарскиот систем со што ќе се овозможи повисока авторитативност и проширување на постојните сервисни сетови на овој систем. За очекување е дека овие мерки ќе овозможат нови бизнис ангажмани на компаниите што пак директно ќе значат зголемени позитивни ефекти во нивната ликвидност и стабилна конкурентност во работењето на секоја компанија. Комората на геодети стои на ставот дека суштината е да не се земаат непродуктивни кредити и дополнително да се задолжуваат компаните, туку да се изнајде можност да го зголемат обемот на работа преку наведените мерки во овие кризни моменти.