СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Индустриска комора: Усогласување на царинскиот тарифник со ЕУ

Забрзан технолошки напредок со изградба на индустриски зони и адекватни инвестиции за осовременување на постоечките зони, енергетски ефикасни технологии и инвестиции во обновливи извори на енергија, како и усогласување на царинскиот тарифник во земјава со ЕУ, со оглед на тоа што голем дел од царинските стапки се неколку кратно повисоки од ЕУ од времето на поранешната Југословенска царинска тарифа се трите фактори кои во услови на стабилни економски политики треба да придонесат за развој на индустриските компании во земјава, беше истакнато на денешната прес конференција во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Трајан Ангелoски, член на Управен Одбор на Индустриската комора истакна дека состојбата со постоечките индустриски зони е на многу ниско ниво, на пример зоната Чојлија која се наоѓа покрај Скопскиот Аеродром и треба да биде репрезентативна нема патна инфраструктура, индустриската зона во Хиподром нема надвозник, кој е во план да се реализира, но никако да стартува, а и во останатите зони проблемите се слични.

„Модернизирање на производството, зголемување на капацитетите и подигнување на стандардите се значајни инвестициски процеси кои компаниите треба да ги превземат за забрзување на технолошкиот напредок, меѓутоа сетоа ова не е можно да се направи на ливада, потребно е државата, локалните самоуправи, Градот Скопје да си ги завршат своите обврски се со цел индустриските компании да фунционираат непречено, да се развиваат и да бележат позитивни резултати за да допринесат за развој на Македонија. Дополнително, многу компании бараат локации за градба на нови објекти, меѓутоа локации или нема или нивната цена е енормно висока, една од највисоките во регионот“, истакна Ангелески и додаде дека во таа насока се апелите за основање на републички фонд со цел изградба на нови зони да се понудат адекватни локации со решена инфраструктура, гас, вода струја и останати услови за да можат компаниите да не губат енергија на активности кои не се нивна првенствена дејност, туку да имаа слободен и комплетно среден простор за инвестирање.

Индустриската комора нагласува дека модерни индустрии во светот секојдневно се трудат да постигнат максимална енергетска ефикасност и што е можно повеќе да инвестираат во обновливи извори на енергија, се со цел да ги намалат трошоците за производство и на тој начин да постигнат максимална конкурентност на своите производи.

„Во нашата земја современите компании од индустрискиот сектор се трудат да ги следат овие трендови, меѓутоа нашата држава нема слух за современите еколошки светски трендови, напротив ваквите инвестиции не се поддржуваат. Се бараат скоро исти дозволи од Регулаторната Комисија како за РЕК Битола, така и за секоја соларна електрана која се поставува на покривите на индустриските објекти. Проектитe од ваков тип треба финансиски и Законски со поедноставени постаки да бидат поддржани се со цел компаниите да бидат мотивирани да прават ваков тип на инвестиции и со своите ЕКО инвестиции да допринесат за почиста човекова околина. Според процентот со кој Македонија ги користи обновливите извори на енергија, таа е последна во регионот со 18%, Србија со 20,5%, Косово со 25% и Албанија со 35%. Сегашната состојба е дека не само што не постои директна поддршка за енергетски ефикасни технологии туку компаниите што инвестираат во обновливи извори на енергија се елиминирани од финансиска поддршка според Законот за финансиска поддршка на инвестициите, бидејќи компаниите се принудени да поседуваат лиценци за секоја соларна електрана, а секоја компанија која поседува било каква лиценца се елиминира за било какво користење на финансиска поддршка согласно Законот. Во таа насока потребна е измена на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со цел да бидат опфатени и инвестициите во обновливи извори на енергија“, рече Ангелески.

Toj додаде дека во оваа прилика за поздравување е новиот тарифник на Министерството за финансии и Царинската управа за ослободување од плаќање на давачки на електричните возила што на долг рок ќе придонесе индустријата своите транспортни уреди и возила да ги пренасочи од дизел и бензин на електрични возила за почиста околина како и зголемување на енергетската ефикасност.

Во однос на усогласувањето на царинскиот тарифник во земјава со ЕУ, Ангелески додаде имаме неколку кратно повисоки царински стапки од ЕУ, со што за многу производи се плаќа непотребно повисока тарифа. Нашата земја најголемата трговска размена има со земјите на ЕУ, а дополнително два од нашите пет соседи се членки на ЕУ, ваквата состојба многу логично го наметнува прашањето дека нашата царинска тарифа треба да е усогласи со таа на Европската Унија.

„Во овој момент се случува многу цариски стапки да се заборавени уште од времето на поранешна Југославија и се енормно високи, на пример во одредени стапки во ЕУ се 3%, а во земјава се 15%. Ваквата состојба ги нарушува тековите на слободна трговија и многу од суровините значително ги поскапува со што многу потенцијални инвестиции поради ваквата цариска политика немаат никаква економска исплатливост и смисла да се реалилизираат во Македонија. Со оглед на тоа што ваквата состојба трае од нашето осамостојување предлагаме веднаш да се почне со усогласување на тарифите за да бидеме компатибилни со европските пазари и подготвени за наша идна асоцијација“, појасни Ангелески и додаде дека ова наше барање е нагласувано во неколку наврати и од други институции, домашни и странски компании.

Поврзани вести

За 7 години претворил заем од 2.000 долари во бизнис вреден 90 милиони

Влатко Зорба

Србија ќе увезува работници од Индија, Пакистан и Турција?

msp-admin

Пандемијата отвори дупка од 21,7 милијарди евра во грчкиот буџет

Влатко Зорба