Бидејќи тлото на Јужна Кореја нема соодветни топографски карактеристики за изградба на големи фарми со ветерници, оваа технолошки напредна земја се сврте кон морето, со цел да се постигне целта за целосно отсуство на емисии на стакленички гасови до 2050 година.
Државниот проект вреден дури 42,8 милијарди долари треба да се реализира во следните десет години со изградба на фарма со ветерници во морето, недалеку од јужнокорејскиот југозападен брег. Тоа е најамбициозно дизајниран парк за ветерници – капацитет да се генерираат до 8,2 гигавати електрична енергија. Се разгледуваат и пловечки генератори на ветер, кои би можеле да навлезат во подлабоки води доколку е потребно.
Индустрискиот подем на оваа азиска земја од 60-тите години наваму придонесе таа да биде еден од десетте најголеми потрошувачи на електрична енергија денес во светот. Во 2019 година, дури две третини од потрошената електрична енергија во Јужна Кореја е создадена со употреба на фосилни горива. Обновливите извори учествуваат со само 6,5 проценти, а електричната енергија произведена во нуклеарните централи преостанатиот дел.
Според ММФ, Јужна Кореја е, измерена преку БДП, единаесетта светска економија, но затоа е на деветтото место според глобалното учество во емисијата на штетни гасови. Официјалната владина цел е да се намали таа емисија за 24,4 проценти до 2030 година и целосно да се елиминира до 2050 година. Дали ќе успее, зависи од мегаломанските планови за инфраструктура, финансирани од државата, но и од приватниот сектор преку јавно приватно партнерство.
Парадоксално, најголемата пречка за оваа инфраструктурна енергетска конструкција ќе биде населението. Генерално сака да живее во еколошка средина и да дише почист воздух, но за еден дел од тоа – рибари од југозападното море – тоа ќе значи дека ќе мора да се оддалечат од својата вековна традиција, а од друга страна, економијата на ветерни турбини не оди рака под рака со локалните власти. Според „Блумберг“, цената на електричната енергија од енергијата на ветерот во моментов е меѓу највисоките во светот во Јужна Кореја, со 220 долари за мегават час. Граѓаните на оваа земја го чувствуваат тоа на свои плеќи.
Исто така, веќе споменатите јавно-приватни партнерства подразбираат создавање на конзорциум од дваесетина компании и секоја од нив може да доживее доцнење во развојот или производството, што може значително да ја забави изградбата или да ги зголеми нејзините трошоци.