Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски беше киднапиран од две лица во ноќта помеѓу саботата и неделата во Белград.
Густата магла и лизгавиот коловоз, очигледно, одиграле клучна улога во спасувањето на киднапираниот Кајмакоски.
Според изворот за српски „Курир“, можно е киднаперите да се дезориентирале во услови на намалена видливост и на кружниот тек кај Рума не успеале да свртат во планираната насока, па продолжиле право, по што ја изгубиле контролата врз возилото и слетале од коловозот, удирајќи во насипот.
Извор упатен во случајот ги открил деталите.
– Токму оваа низа околности довело до прекинување на нивната понатамошна намера. Интересно е и тоа што киднаперите сосе жртвата во автомобилот успеале да поминат низ две наплатни рампи, во Шимановци и во Рума. Меѓутоа, ударот во банкината ги запрел во понатамошно бегство. Откако удриле во заштитна ограда и го оштетиле автомобилот, двајцата осомничени, за кои се верува дека се од турска националност, продолжиле да бегаат пеш. Истрагата продолжува, а надлежните ги испитуваат сите околности на овој настан, вклучувајќи ги и движењата на осомничените пред инцидентот – рекол изворот за „Курир“.
За потсетување, постои сомнение дека двајца странци го пресретнале Даниел Кајмакоски по неговиот настап во бар во Бетон Хала ноќта помеѓу саботата и неделата. Под закана со нож и пиштол, му наредиле да влезе во својот автомобил, бело „Волво“, каде што го врзале. Киднаперите наводно побарале од пејачот 20.000 евра, но не ги добиле парите.
– Патролата на сообраќајната полиција во Белград се обидела прва да ги запре, но бидејќи возачот на „волво“ не застанал, туку додал гас, ги вклучиле алармите. Покрај сообраќајната полиција, во потрагата се придружиле и други полициски единици. Белото „Волво“ потоа било пронајдено на автопатот во близина на излезот за Рума, каде што доживеало сообраќајна несреќа, односно удрило во насипот – рекол изворот.
Недолго потоа, член од придружбата на пејачот го пријавил како исчезнат. Започнала филмска потрага на полицијата со дронови, термокамери, возила и службени кучиња.
Белото „Волво“ било пронајдено на автопатот кај излезот за Рума, со јасни траги од сообраќајна несреќа. Полицијата го затекнала пејачот врзан во возилото, во шок.
Киднаперите сè уште се во бегство, а полицијата интензивно трага по нив.
