Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски беше киднапиран во Белград во февруари. Адвокатот Бранислав Станишиќ сега проговори за осомничените, па наведе како се чувствува Даниел во моментов.
– Како помошник и пријател на Даниел Кајмакоски, можам да ве информирам дека до овој момент нема поконкретни резултати во врска со лишувањето од слобода на осомничените за кривичното дело киднапирање. Се надеваме дека полицијата ќе може да ги спроведе сите потребни активности за осомничените да бидат изведени пред лицето на правдата и што побрзо да започне кривичната постапка – рече Бранислав, па додал:
– Отприлика сме запознаени со фактите што ѝ се достапни на полицијата, што би можело да придонесе за лоцирање и идентификација на сторителите. Отежнувачка околност е што, според досегашните сознанија, најверојатно станува збор за лица кои не се државјани на Република Србија и кои се нашле на нејзина територија. Под голем знак прашалник е дали тие влегле во Република Србија регуларно и во согласност со законот, или се нашле тука по илегални патишта, во својство на мигранти.
– Психичката состојба на Даниел Кајмакоски моментално е стабилна. Тој ги извршува сите претходно договорени работи и ги исполнува професионалните обврски. Сепак, овој настан остави многу посериозни последици на неговото семејство – изјави адвокатот.
– Киднаперите го врзале Даниел со селотејп и, заканувајќи му се со пиштол и со нож, го принудиле да влезе во своето возило, кое потоа го возеле во правец на Рума. Инцидентот започнал во близина на Бетон халата, каде што се обиделе да го сопрат, а во тој момент полицијата се обидела да изврши редовна контрола на возилото. Бегајќи од полицијата, осомничените продолжиле кон Рума со голема брзина, но поради маглата и непознавање на теренот, удриле во банкина на излезот од кружниот тек. Возилото претрпело голема штета и не можело да се движи понатаму. Од страв од полицијата, која ги забележала, осомничените го напуштиле автомобилот и избегале. Полицијата потоа го пронашла Даниел врзан на задното седиште, по што сè се случило како што веќе е познато на јавноста. Во овој момент, не можеме да шпекулираме кој би можел да стои зад ова кривично дело, ниту кои се нивните мотиви. Факт е дека неодамна имаше неколку инциденти насочени кон јавни личности од забавната индустрија, но не би шпекулирале за можните причини и нарачатели. Очекуваме дека, по лишувањето од слобода на осомничените, мотивите ќе бидат попрецизно утврдени, како и дали евентуално постоел нарачател.
