СТАНДАРД life
МК Сцена

Пред 17 години не напушти големиот Тоше Проески

Денеска се навршуваат точно 17 години откако пејачот Тоше Проески трагично загина во сообраќајна несреќа на автопат во Хрватска.

Македонскиот славеј замина прерано, на само 26 години, но неговата скромност, хуманост и музичко наследство ќе останат засекогаш запаметени.

Кариерата како поп пејач Тоше ја започна на 15 години, на фестивалот „Макфест“. Една година подоцна почнува да соработува со Григор Копрoв, а песните „Усни на усни“ и „Сонце во твоите златни коси“ му ја отворија вратата на македонската музичка сцена.

Во 1999 година го издаде својот прв албум „Некаде во ноќта“ и го одржа својот прв солистички концерт. Следеа успеси и победи на меѓународниот музички фестивал „Славјански базар“ во Белорусија во 2000 година.

Музичките критичари го нарекоа „пејач со ангелски глас“. Тој е единствениот странски пејач кој ја доби главната награда на Хрватскиот радиски фестивал. Имаше големи хитови во дуети со Гоца Тржан, Есма Реџепова, Тони Цетински и Антонија Шола, која за него го напиша можеби најголемиот хит „Срце није камен“.

Во последните години од животот триумфира на бројни фестивали во земјите од поранешна Југославија. Тоше никогаш не ги заборави своите македонски корени, а на македонската народна музика и го посвети албумот „Божилак“ на кој е највпечатливата изведба на песната „Зајди, зајди, јасно сонце“.

Во 2003 година ја добива наградата „Мајка“ Тереза ​​за бројните хуманитарни настапи. Како амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, тој им помагаше на децата, а неговата песна „Овој свет“, снимена во 2004 година, стана химна на УНИЦЕФ.

Последниот албум на кој работеше е „Игри без граница“, а по неговата смрт беа објавени уште три албуми со негови песни: „The Hardest Thing“, „Со љубов од Тоше“ на англиски и „Још увек сањам да смо заједно“. .

За жал, неговата блескава кариера ја прекина сообраќајната несреќа на автопатот Загреб – Белград, кај Нова Градишка, на 16 октомври 2007 година, во која го загуби животот.

Пејачот спиел во џипот што го управуваше Ѓорѓи Ѓеорѓиевски кога удрил во шлеперот пред него. Тоше починал на лице место, а само со повреди поминаа неговите сопатници Ѓеорѓиевски и менаџерката Љиљана Петровиќ.

Поврзани вести

„Te Dua, Жими Мене“ со награда за Најдобар игран филм на фестивалот „SoundScreen“

Radmila Tasevska

Концерт на легендарниот српски рапер Марчело во МКЦ

Radmila Tasevska

Во Скопје се одржа филмски викенд за младата публика

Urednik