Познатата актерка Скарлет Јохансон го тужи производителот на апликација за вештачка интелигенција за користење на нејзината сличност во реклама без дозвола, пишува Variety. Рекламата од 22 секунди за „Lisa AI: 90s Yearbook & Avatar“, наводно го користи вештачки генерираните лице и глас на актерката.
Во рекламата беше прикажан клип од Јохансон од снимката на „Црната вдовица“ која вели: „Што има, момци? Јас сум Скарлет и сакам да дојдете со мене…’.
После тоа, се префрла на фотографии генерирани со вештачка интелигенција и клонирана верзија на гласот што ја промовира апликацијата. Под рекламата стои изјава дека „фотографиите се направени со помош на Lisa AI. Содржината нема никаква врска со оваа личност“.
Голем број Lisa AI апликации развиени од Convert Software остануваат на App Store и Google Play, пишува Variety. Рекламата повеќе не е на X.
Адвокатот Кевин Јорн, кој ја застапува Јохансон, вели дека актерката „менаџира со ситуацијата онолку колку што законски и е дозволено“ и дека тие „не ги прифаќаат овие работи лесно“. „Како што беше случај во слични случаи и околности, ние ќе се справиме со овој случај по законски пат“, додаде тој.
Јохансон има едно од најпознатите лица (и гласови) во Холивуд и е портпаролка на компании како „Dolce & Gabbanа“ и „Louis Vuitton“. Со оглед на тоа, тешко е да се поверува дека некој воопшто би се обидел да го „украде“ нејзиниот лик, ако тврдењето е точно.
Идејата за користење на вештачка интелигенција за кражба на слики од познати личности е релативно нов феномен, така што правните последици сè уште се разработуваат. Во сличен инцидент, актерот Том Хенкс ги предупреди своите обожаватели на социјалните мрежи дека видеата кои користат AI верзии на неговиот лик се користат за лажно продавање производи.
Иако ова е правна „сива зона“, некои држави имаат поврзани закони за правата на приватност. Калифорнија, на пример, дозволува граѓански тужби за неовластена употреба на „име, глас, потпис, фотографија или сличност“ на некое лице во рекламирање или публицитет.