Реге музичарот и пејач Џими Клиф, кој го направи регето познато глобално, почина денеска на 81-годишна возраст.
Неговата сопруга, Латифа Чемберс, објави на Инстаграм дека Клиф починал поради напад проследен со пневмонија (воспаление на белите дробови).
„Благодарна сум на семејството, пријателите и колегите кои беа покрај него. Неговите обожаватели низ целиот свет беа негова сила во текот на целата негова кариера“, напиша Чемберс, пренесе „Скај њуз“.
Музичарот е најпознат по песни како „Many Rivers to Cross“ и „You Can Get It If You Really Want“, но и по снимањето на официјално одобрена кавер верзија на песната „Hakuna Matata“ од филмот на „Дизни“ – „Кралот лав“ (The Lion King).
View this post on Instagram
Премиерот на Јамајка Ендру Холнес го опиша Клиф како „вистински културен гигант чија музика го пренесе духот на нацијата во светот“.
Али Кемпел од бендот „UB40“ го нарече „столб на музиката и еден од првите што го донесоа регето во светот“.
Клиф, двократен добитник на наградата Греми, роден во Јамајка, го доби Орденот за заслуги на Јамајка во 2003 година, највисокото признание на земјата во уметноста и науката.
Тој соработуваше со ѕвезди како што се Стинг, „Ролинг атоунс“, Елвис Костело, Ени Ленокс, Пол Сајмон и Вајклиф Џин, а во 2010 година беше примен во Рокенрол куќата на славните.
Познат по својата хуманитарна работа, Клиф напиша песни како што е „Виетнам“ од 1969 година, за која Боб Дилан коментираше дека е „најдобрата протестна песна што некогаш ја слушнал“.
Како актер и музичар, Клиф ја играше и главната улога и ја изведе насловната песна во култниот филм од 1972 година „The Harder They Come“, едно од првите комерцијални изданија од Јамајка што го претставија регето во светот.
Роден како Џејмс Чемберс на 30 јули 1944 година во Сент Џејмс, Јамајка, Клиф стана познат на 14-годишна возраст со песната „Hurricane Hattie“.
Во текот на својата кариера сними повеќе од 30 албуми и настапуваше низ целиот свет, вклучувајќи ги Париз, Бразил и Светската изложба во Њујорк во 1964 година.
Неговиот последен албум „Refugees“ направен со Вајклиф Џин беше издаден во 2022 година, а тој ја напиша насловната песна како реакција на губењето на слободата на луѓето ширум светот.
Џими Клиф ќе остане запаметен како музичка икона чија енергија и порака за љубов и слобода обликуваше генерации.
