Вејд Вилсон го призна убиството на две жени, но наместо осуда од јавноста, т. н. „убиецот Дедпул“ стекна култен статус и стотици следбенички кои му се колнеле на верност. Неговиот случај, кој спојува сурови злосторства и бизарна интернетска слава, е тема на новиот документарен филм „Згодниот ѓавол: шармантен убиец“, пренесува „Фокс њуз“.
Филмот вклучува интервјуа со неговите поранешни девојки, таткото и истражителите.
„Стотици жени наводно се вљубија во Вејд Вилсон. Сакаа да се омажат за него и да имаат деца, иако знаеја за дел од стравотните детали на двојните убиства. Тоа беше нешто што бараше длабоко истражување“, објаснува Брајан Рос, корежисер и продуцент на филмот.
На 7 октомври 2019 година, Вилсон ја задавил 35-годишната Кристин Мелтон додека спиела, а подоцна истиот ден ја претепал, задавил и прегазил 43-годишната Дајана Рус. Тој бил уапсен на 8 октомври 2019 година, откако на неговиот татко преку повеќе повици му ги признал злосторствата.
„Двете жени биле почитувани од своите семејства и пријатели“, вели сорежисерката и продуцентка Ронда Шварц.
По апсењето, полициската фотографија на Вилсон се проширила на социјалните мрежи, предизвикувајќи опсесија кај многу жени. Тие го идеализирале неговиот изглед, иако лицето и главата му биле покриени со тетоважи, а на суд се појавувал во шарени костуми и со средена коса.
На Тикток и на другите платформи се развила база на обожавателки. Некои му се јавувале во затворот, восхитувајќи се на неговиот изглед и глас. Една дури побарала „маратонски секс“, додека друга го молела да ѝ направи дете.
„Жените велеле дека во тие повици тој знаел да ги насмее. Криминолозите велат дека понекогаш ваквите мажи привлекуваат жени кои биле жртви на злоупотребување, бидејќи се чувствуваат безбедно знаејќи дека не може да им наштети додека е зад решетки“, објаснува Рос.
