Актерката Џулија Робертс одигра бројни улоги во култни продукции. Една од нив е во филмот „Нотинг Хил“, во кој ја портретира актерката Ана Скот која се вљубува во сопственик на книжарница, кого го игра Хју Грант.
Овој филм се смета за еден од најромантичните, а Џулија неодамна призна дека ѝ било непријатно да толкува лик кој се занимава со истата професија како неа.
„Ми беше толку непријатно. За малку ќе ја одбиев улогата бидејќи сето тоа ми изгледаше како многу непријатно искуство. Не знаев како да ја одглумам таа личност“, изјавила актерката за Vogue и нагласила дека ѝ се гадело од костимите кои ги носела во овој филм.
Како што објаснила, ја изнервирало тоа што морала да биде облечена како „типична позната личност“ и дури на последната сцена се чувствувала добро што можела да ја носи својата облека.
Оваа сцена влезе во историјата како еден од најпрепознатливите моменти од романтичните комедии, а Робертс, како што рече, не го очекувала тоа.
„Мислам, тоа беше одлична сцена. Но, кој би помислил дека мојата реченица ќе стане препознатлива фраза“, објаснила таа.