СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Подобра соработка меѓу домашните добавувачи и странските директни инвеститори

На македонските мали и средни компании им недостасуваат соодветни сертификати, квалитет, опрема и технологија за поуспешно да се вклучат во синџирот на добавувачи на директните странски инвестиции во земјава, а некаде е проблем и цената на производите што ги нудат и времето на нивната испорака.

Ова се дел од главните заклучоци на двегодишниот проект „Зголемување на конкурентноста на мали и средни претпријатија со цел подобрување на  нивната соработка со странските инвеститори InComSMEs“ што го спроведуваат Машинскиот факултет од Скопје, Стопанската комора на Македонија и Техничкиот универзитет од Виена, а чија завршна конференција ќе се одржи в среда.

„Повеќето од домашни компании кои покажаа интерес за проектот беа успешни и претходно, а се надеваме дека шесте што беа избрани ќе бидат малку поуспешни по неговото спроведување. Сите шест компании се од металопреработувачката и автомобилската индустрија, неколку од нив веќе беа во преговори за иницијална соработка со странските инвестиции, а дел од нив првично воспоставија контакт преку проектот. Решението дали ќе бидат вклучени во синџирот на добавувачи не се носи во претставништвото на странските компании во земјава, туку во централата, а има и случаи каде клиентот на странскиот инвеститор треба да одобри наша домашна компанија како добавувач“, рече Миновски на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија и додаде дека процесот е долготраен и е неопходна сериозна посветеност за да се успее.

Во проектот како практиканти биле вклучени и студенти од Машинскиот факултет во Скопје, кои, според професорот Миновски, ќе претставуваат еден од стожерите за продолжување на проектот и по неговото истекување преку стекнатото знаење што ќе можат да го применат во компаниите.

„Тоа е непроценливо искуство за нив, бидејќи учествуваа во реална имплементација на проекти, а некои од нив веројатно ќе го пронајдат своето работно место во некоја од компаниите и ќе можат да ја продолжат приказната. Со нас го поминаа патот, обучени се, паметни се и знаат. Се надевам дека поголем дел од нив ќе се решат да останат тука, а некои, пак, за жал ќе го пренесат своето искуство некаде на друго место“, потенцира Миновски и посочи дека огромен дел од студентите биле заинтересирани за партиципација во проектот.

Проф. д-р Бојан Јованоски од Машинскиот факултет посочи дека до шесте компании се дојде со темелна анализа направена според барањата на странските инвеститори што им е потребно и што бараат од своите партнери и добавувачи.

„На тие барања 97 македонски компании одговорија што и како можат да ги задоволат странските инвеститори. Потоа организиравме преку 100 Б2Б средби во Стопанската комора на Македонија меѓу странските инвеститори и домашните компании. Од нив имаше директен фидбек од странските инвеститори колку е поволна соработката со потенцијалната македонска компанија и врз основа на анализите беа извршени  директни скенирања во повеќе од 30 компании лани во јуни од тимови од Машинскиот факултет и Стопанската комора. Врз основа на скенирањата  се дефинираа шест дводневни обуки за подобрување на перформансите во оние сегменти кои беа потребни кај домашните компании“, рече Јованоски.

Поврзани вести

Светската банка со 120 милиони долари ќе поддржи пет проекти во земјава

Влатко Зорба

Трамп: Во пресрет на изборите, американската економија ќе покаже невиден раст

Stefanija Kuzmanovska

ФИТР: Домашните компании подготвени за инвестиции за излез од кризата

Никола Поповски