Huawei планира да го премести својот центар за истражување и развој од САД во Канада, како и да започне со производство на опрема за мобилни мрежа надвор од Кина. Конкретно, компанијата има намера да изгради нова фабрика во Европа за 5G опрема, објави канадското издание „The Globe and Mail”, повикувајќи се на основачот на Huawei – Рен Женфеи.
Со отворањето бизнис надвор од Кина, раководството на Huawei очекува да се намали загриженоста во врска со безбедноста на своите производи, кои беа поттикнати од изјавите на американските власти. Huawei категорично ги отфрла обвинувањата на Вашингтон дека 5G технологијата на компанијата може да се користи за шпионажа во корист на владата во Пекинг.
Ројтерс пак, сподели повикувајќи се на информирани извори, дека американската влада размислува за заострување на санкциите кон Huawei, затоа што и покрај мерките преземени од Вашингтон, надворешното снабдување со компоненти за кинеската компанија не е запрено.
Откако во мај годинава Американското министерство за трговија ги стави Huawei во „црниот список“, компанијата практично ја изгуби можноста да купува американски хардвер и софтвер без посебна дозвола од Вашингтон.
Сепак, многу продавачи на странски клучни компоненти за уредите на Huawei не ги применуваат декларираните ограничувања во нивната тековна форма. Наспроти ова, администрацијата на американскиот претседател размислува за можно продолжување на санкциите. Новите правила би блокирале повеќе од надворешните снабдувања за Huawei.
Конкретно, станува збор за проширување на ограничувањата за стандардните чипови за мобилни телефони, произведени во странство, користејќи технологија, софтвер или компоненти со американско потекло.
Не е јасно колку е блиску Вашингтон до одлука за промена на правилата и дали тие ќе бидат имплементирани постепено или наеднаш. Се разговара за построги санкции, иако во ноември Белата куќа ја продолжи привремената лиценца на Huawei за работа со американски компании и исто така му овозможи на Microsoft да ја снабдува со софтвер кинеската компанија.
Во меѓувреме, „Волстрит журнал“ објави, повикувајќи се на експерти, дека Huawei може да произведува паметни телефони без компоненти од САД, заменувајќи ги со компоненти од други извори. Во интервју за медиумите, главниот директор за информации за Huawei, Џон Сафолк, вели дека сите 5G производи на компанијата сега се независни од САД.