Вкупно 254.782.603 денари денеска им се префрлени на 11.828 земјоделци за одгледување градинарски култури под контролирани услови, домати, пиперки и краставици.
Како што соопштија министерот за земјоделство, Трајан Димковски и директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, од почетокот на годинава, вклучувајќи ја и денешната исплата, на поледелците, лозарите и градинарите им се префрлени 1,214 милијарди денари.
Според Димковски и Бабовски, продолжува неселктивната и навремена исплата на субвенциите.
-Овие пари им се потребни на градинарите во овој период од годината за подготовка на расадот за новата производна реколта, рече министерот на прес-конференција и напомена дека се олеснети критериумите при аплицирање за субвенции во градинарството.
Засадените површини со градинарски култури ќе се пријавуваат збирно, а така и ќе се гледаат од страна на Платежната агенција при административните процедури.
-Тоа ќе резултира со драстично намалување на бројот земјоделци кои претходните години се одбивани поради сложените постапки, истакна Димковски.
Моментно, извозот на свежите градинарски производи во вкупниот извоз на земјоделско-прехранбените производи учествува со околу 9,5 отсто што е 50 милиони евра, додека извозот на преработениот и сушен зеленчук во вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи учествува со околу 11,5 проценти со вредност од околу 60 милиони евра.