Компаниите-кориснички на средства од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) почнаа бесплатно да им ги нудат своите содржини (дигитални книжарници, игри, решенија за учење странски јазици, за помош на лица со посебни потреби или за справување со лажни вести) на граѓаните кои, согласно мерките за справување со коронавирусот, остануваат во своите домови.
Компаниите реагираа веднаш откако пред еден час директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, преку фејсбук статус, ги повика на ваков чекор со цел граѓаните поконструктивно, поквалитетно и покреативно да го искористат времето и полесно да се приспособат на новонастанатите услови за живот под времено изменети околности.
-Ваквата постапка ќе биде крајно општествено одговорна и ќе даде поддршка за побрзо и поефикасно справување со корона вирусот. Истовремено, би сакал да ве информирам дека ФИТР интензивно работи и деновиве ќе излезе со нова иницијатива за поттикнување на креативниот потенцијал на граѓаните и развивање иновативни и креативни решенија за обезбедување на подобар квалитет на живот во вакви вонредни околности, пишува Деспотовски на фејсбук статусот.