СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Бектеши:  За ДУИ намалувањето на платата за функционерите е прифатливо

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека за него и за неговата матична партија ДУИ е прифатлива мерката што ја предложи нивниот коалициски партнер СДСМ за исплата на минимална плата на функционерите во знак на солидарност во услови на економската криза од коронавирусот, но не и да има такво намалување на платите на јавната администрација.

Одговарајќи на новинарски прашања денеска на прес-конференција во Владата, Бектеши рече дека на вчерашната владина седница не се разгледувале предлозите на СДСМ, истакнувајќи дека треба да се стартува со намалување на платите на функционерите и исплатите во управните и надзорните одбори, а потоа да се направи проценка за евентуални други фази и да се види состојбата на државниот Буџет.

– Како министер за економија вчера имав прилика во неколку наврати да одговарам на предлозите на СДСМ која е коалициски партнер во Владата. Да, јас сум подготвен да одам на намалена плата, но не само јас, ние како ДУИ ја поддржуваме мерката што се однесува на минимална плата за сите функционирани или именувани лица, но сме против да се оди на минимална плата за целата јавна администрација. Секако дека имаме наши предлози и би ги охрабрил сите стопански комори, НВО и експерти да достават соодветни предлози, затоа што ние мислиме дека има и други ставки во Буџетот каде што може да се скрати првично и да одиме фазно на тоа дека трошокот од оваа пандемија треба да го сносиме сите, рече Бектеши.

Моментно, дополни тој, мислиме дека треба да почнеме со намалување на платите на функционерите, откажување на секакви плаќања во управни одбори, надзорни одбори и слично, па потоа да ги видиме другите фази имајќи ги во предвид и приходите во државата што треба да ни ги каже Министерството за финансии и да донесеме соодветни одлуки.

– Мојот личен став како министер за економија, но истовремено и ставот на ДУИ е дека не треба такво кратење да се направи во јавната администрација, потенцираше Бектеши.

Поврзани вести

МФ: Поврат на ДДВ кон фирмите од 397,4 милиони евра во 2020 година

Влатко Зорба

Моника Белучи гостин на 99-годишнината од Стопанската комора

Влатко Зорба

Пензиите достапни од 26 август

Берта Китинска