Престижниот економски магазин Forbes го објави својот годишен список на милијардери во светот. Од 2.095 милијардери во светот, само десет се помлади од 30 години. Заедно имаат 15,9 милијарди долари, а доаѓаат од САД, Бразил, Германија, Хонг Конг, Ирска и Норвешка.
Ова се 10 милијардери, рангирани според возраста, од помлади до постари:
Најмлада милијардерка како и минатата година е Кајли Џенер, со 22 години. Лани, на 21 година, Кајли беше прогласена за најмлада милијардерка на светот, (сама го стекна богатството, со помош на семејствата Кардашијан-Џенер, едно од најбогатите во шоу-бизнисот) надминувајќи го и Марк Цукерберг, кој имал 23 години кога ја направил својата прва милијарда.
Кајли ја задржи титулата втора година по ред, откако во ноември продаде 51% од нејзиниот бренд за козметика, Kylie Cosmetics за 600 милиони американски долари. Продажбата значи дека нејзиниот бизнис сега е вреден приближно 1,2 милијарди американски долари и ја надминува заработката на сестрите Клои, Кортни, Ким и Кендал и на мајка си Крис Џенер.
Сестрите Андерсен од Норвешка, Александра (23) со богатство од една милијарда долари и Катарина (24) со 1,1 милијарда долари, наследиле по 42% од семејната инвестициска компанија Ferd.
Густав Магнар Витцо (26), има богатство од 2,3 милијарди долари и сопственик е на половина од Salmar ASA, еден од најголемите светски производители на лосос.
Богатството на Елизабет Фуртваенгер (28) тежи 1,2 милијарди долари. Нејзиното богатство е од издавачка дејност. Таа и нејзиниот брат имаат по 37,4 % удел во семејната германска медиумска компанија Burda.
Џонатан Квок (28) со богатство од две милијарди долари е наследник на најголемата компанија за недвижнини во Хонг Конг.
Џон Колисон (29) има богатство од 3,2 милијарди долари, a богатството е стекнато од компанијата за плаќање Stripe која ја основал со неговиот постар брат Патрик.
Еван Шпигел (29) на сметка има 1,9 милијарди долари. Заработката му е од компанијата Snapchat.
Бразилецот Педро де Гудоу Буено (29) има богатство од 1,1 милијарди долари. Тој е генерален директор и најголем акционер во компанијата за лабораториски услуги Diagnósticos da América SA.
Лиза Дрекслмаер (29) има богатство од една милијарда долари. Таа и нејзиниот татко Фриц управуваат со компанијата Fritz Draexlmaier Holdings GmbH, којашто произведува автомобилски делови.