СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Ангеловска: Дигитализацијата во време на глобална здравствено-економска криза добива нова перспектива

Дигитализацијата во време на пандемија и глобална здравствено-економска криза добива нова перспектива, истакна во своето обраќање министерката за финансии Ангеловска, која учествуваше на панел дискусија на телото на Обединетите нации за трговија, инвестиции и развој (УНКТАД) во рамки на Неделата на е-трговија, која поради ковид-19 се одржува виртуелно.

-Со рестриктивните мерки за заштита на здравјето на нашите граѓани, истовремено преземаме мерки за да го олесниме работењето и новите начини на работа – е-фактури, електронски документи и слично. Во текот на март бројот на нови е-продавници на македонскиот пазар е скоро ист како и бројот на новоотворени е-продавници во текот на целата 2019 година. Онлајн продавниците за намирници сега имаат повеќе од 8 до 10 пати поголема продажба. Нема сомнение дека сега е вистинско време дигиталната економија и електронската трговија да го покажат својот потенцијал, рече Ангеловска, која е една од првите седум амбасадорки за е-трговија во светот.

Според Ангеловска, навиките ќе се менуваат, ќе се зголемува употребата на платежни картички и е-банкарство, а се разговара и да се поттикне финтек, да се стимулираат плаќања без готовина и друго.

-Верувам дека е јасно дека светот нема да биде ист по ова – откако животот ќе започне да се враќа во нормала. Ако до сега велевме дека поради технологиите светот се менува побрзо од било кога, сега оваа криза верувам дека уште повеќе ќе го стави тоа брзо темпо во петта брзина, рече Ангеловска.

Таа посочи дека зависи од владите, претприемачите, жените од целиот свет – дали и колку светот ќе биде подобар и попаметен по кризата со корона, како и дека компаниите ќе ги менуваат своите процеси, деловни модели, некои ланци на снабдување ќе се реконструираат.

-Фазата на закрепнување ќе започне наскоро – и сакам да ве оставам со порака дека улогата на жените и на трансформативното претприемништво за време на фазата на закрепнување ќе биде поголема од кога и да било, рече Ангеловска.

Министерката Ангеловска зборуваше на панелот „Empowering women digital entrepreneurs for resilient economies“, на којшто учествуваа и заменик-генералната секретарка на УНКТАД Изабел Дурант, амбасадорката и постојан претставник на Мисијата на Кралството Холандија во ОН Моник Ван Дален, амбасадорка на е-трговија, основач и извршен директор на Квиккеш Патриша Зунди Јао, ко-основач на ПејДуниа Јума Динг Фол и Марија Ристовска од македонската Асоцијација за е-трговија.

На панелот беше потенцирано дека дигитализацијата создава нови можности за жените во земјите во развој. Сепак, овој потенцијал сè уште не е целосно искористен од причини поврзани со родова пристрасност, недостаток на застапеност, нееднаков пристап до Интернет и ограничени дигитални вештини…

Инаку е-трговија за жени е иницијатива предводена од УНКТАД поддржана од Владата на Холандија. Целта е да ги инспирира, поддржува, поврзува и да им даде глас на дигиталните претприемачи жени во земјите во развој и на крајот да ги направи сила за инклузивно создавање богатство во нивниот регион.

Целта на овој форум на УНКТАД се размена на искуства за можностите за развој и предизвиците поврзани со дигиталната економија, а се дискутира за повеќе теми како дигитални економии во реално време, како да се заштитат потрошувачите и какви напори преземаат надлежните за ублажување на негативните ефекти на пандемијата, иновации, сопственост на податоци и интелектуална сопственост, улогата на компјутерската безбедност и приватноста во дигиталниот и е-трговскиот простор.

Поврзани вести

МБУ доби награда за најдобри резултати во крводарителството

msp-admin

Маск планира да се шири во Европа

msp-admin

Германците изгубија околу 250 милијарди евра поради пандемијата

Влатко Зорба