Банкарскиот систем е подготвен да се справи со шокот од корона-кризата, стои во Извештај за ризиците во банкарскиот систем во 2019 година усвоен на редовната седница на Народната банка.
Како што соопшти денеска централната банка, податоците и констатациите во Извештај потврдуваат дека системот е здрав и стабилен и поставен на цврсти основи, како и дека е подготвен да се справи со различни шокови, вклучително и со неповолните ефекти од тековната здравствена криза.
– Народната банка, преку постојаното унапредување на стандардите во согласност со европските регулативи, но и банките со нивното прудентно однесување, овозможија одржување висока и стабилна ликвидност и солвентност. Ова се двата основни столба на стабилноста на банкарскиот систем, чии обем и квалитет секако ќе придонесат банките полесно да се справат со предизвиците коишто ги носи појавата на коронавирусот, соопшти НБ по седницата.
На крајот на минатата година стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем изнесува 16,3 роценту, што е двојно повеќе од законски утврдениот минимум. Безмалку половина од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓаат на капиталните додатоци утврдени согласно со супервизорската оцена и на заштитните слоеви на капиталот, коишто, укажува НБ, се особено значајни во кризни услови, кога може да се искористат за справување со предизвиците од различна природа. Спроведеното стрес-тестирање покажува дека и кај банките одделно и банкарскиот систем во целина, минатата година отпорноста на шокови е зголемена, споредено со 2018 година.
Како што е посочено во Извештајот, во текот на минатата година, ликвидносната позиција на банките дополнително се подобри, главно поради растот на ликвидните средства, којшто е највисок во последните девет години. Следствено, и показателите преку кои се следи и оценува ликвидноста забележаа подобрување. Дури една третина од активата на банкарскиот систем е ликвидна актива, која покрива близу 60% од депозитите на домаќинствата. Потврда за задоволителниот обем на ликвидни средства којшто им овозможува на банките непречено извршување на своите деловни активности се и резултатите од симулациите за комбинирани ликвидносни шокови. Тие упатуваат на соодветно управување со ликвидносниот ризик од страна на банките и задоволителна отпорност на претпоставените екстремни ликвидносни одливи.
Во овој период, наведува НБ, токму структурниот вишок на ликвидноста и добрата капитализираност на домашните банки, придонесуваат за нивниот солиден капацитет и подготвеност да излезат во пресрет на потребите на своите клиенти. Особено значајно е и што минатата година, изложеноста на банкарскиот систем на кредитниот ризик е намалена. Стапката на нефункционалните кредити на нефинансискиот сектор се намали до историски најниско ниво од 4,8 проценти, односно 95,2 проценти од кредитите на банките се сервисираат редовно или со задоцнување најмногу до 90 дена.
Податоците ви Извештајот покажуваат и дека домашниот банкарски систем и минатата година продолжи со профитабилно работење, иако со помала добивка и следствено пониски показатели за повратот на капиталот и активата, споредено со 2018 година.