Коронавирусот има драматично влијание врз начинот на кој луѓето ја користат апликацијата Тиндер, рече шефот на Тиндер и тие промени би можеле да одговараат на плановите што тој веќе ги има за развој на компанијата.
Строгите мерки на социјално дистанцирање и изолација заради епидемијата на коронавирус носат бројни предизвици на интернет апликациите за состаноци, рече извршниот директор на Тиндер, Ели Сејдмен.
Корисниците на Тиндер остварија најголем број посети во еден ден на 29 март, а во Велика Британија, бројот на дневни разговори се зголеми за 12% помеѓу средината на февруари и крајот на март, пишува Би-би-си.
Но, ефектите од коронакризата врз економијата придонесоа луѓето да имаат помалку пари за трошење, што не е добра вест за Тиндер кој, иако е бесплатен, многу се потпира на премиум претплатите на корисници.
Податоците на компанијата покажуваат дека новите пријави за премиум членство доаѓаат од места каде мерките се попуштаат, рече Сејдмен додавајќи дека ќе биде потребно извесно време да се види целосното влијание на кризата врз Тиндер.