Употребата на социјалните мрежи и објавување полувистини, невистини или искривени толкувања на одредени информации, може да внесе непотребна паника и конфузија и да има особено штетно влијание на перцепциите на граѓаните за банките, се вели во соопштението од Македонската банкарска асоцијација, по како што велат појавата на коментирање на состојбите во банкарскиот систем и поединечни банки на злонамерен начин, којшто внесува немир кај населението.
Македонска банкарска асоцијација, во таа смисла, препорачува особено да се внимава кога се читаат информациите поврзани со работењето на банките, односно да се прифаќаат за точни и веродостојни само информациите од официјални и проверени извори.
Реакцијата од МБА доаѓа откако, како што велат во соопштението за јавност, во изминатите денови е присутна појава на објави со неточни информации за состојбите во банкарскиот систем и за поединечни банки, коишто можат да предизвикаат неоснован немир кај граѓаните.
– Во овие и онака тешки времиња кога се справуваме со кризата предизвикана од COVID-19, кога се вложуваат максимални напори да се обезбедат банкарски услуги на клиентите и при тоа да се сочува нивното здравје, паралелно со дистрибуцијата на веродостојни и корисни информации кои ќе им го олеснат животот на луѓето, овие тенденции доведуваат до бројни дезинформации кои ги збунуваат и вознемируваат граѓаните, се вели во соопштението од МБА.
Од МБА, уште еднаш нагласуваат дека банкарскиот систем е стабилен и сигурен.