СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

„Тиквеш“: Откупните цени за грозјето се повисоки за да не отпуштаме работници и да може да опстоиме како винарија

„Жалиме што сме приморани да ја објаснуваме состојбата во која се наоѓа целата винска индустрија и ние како дел од неа, а е предивикана од епидемијата која е присутна во целиот свет. Имено, кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата направи сериозни потреси на светскиот вински пазар и нанесе огромни штети на целокупната македонска винска индустрија“, се вели во соопштението на ВВ „Тиквеш“ по повод годинешната берба и цената на грозјето.

„Конкретно, Ковид-19 кризата предизвика:

• 80% загуба во продажбата на вино на домашниот пазар во месеците кога имаше вештачко затварање на пазарот. Овој огромен пад во прометот е предизвикан од затворањето и ограничувањата во работењето на угостителските и туристичките објекти, каде всушност се остварува најголемата продажба на флаширано вино. Од ваквата ситуација, најмногу беа погодени винариите: Тиквеш, Бовин и Камник. По повторното делумно отварање на пазарот, загубите изнесуваат 20% во волумен и 30% во вредност.

• 40% намалување на цените на виното на главните извозни пазари. Ваквиот драстичен пад на цените е последица на мерките што ги преземаат големите производители на вино – Италија, Шпанија и Франција за да се ослободат од големите залихи;

• Се променија навиките на купувачите и сите винарници се осудени да работат со проблеми на намалена ликвидност. Во вакви услови излезот е да се оди со намалување на трошоците во работењето и намалување на производството, што ќе значи и отпуштање работници. Тиквеш, како општествено одговорна компанија, сеуште не презема вакви чекори, но доколку нема поддршка и продолжи овој тренд, тоа ќе биде неминовно;

• Повеќе од 60 милиони литри залихи на вино во македонските винарници. Конкретно, Тиквеш бележи зголемување на залихите од вино за 60%. Заради падот на побарувачката и прометот на домашниот пазар и падот на цените на главните извозни пазари, сите наши винарници не беа во можност да ги продадат предвидените количини вино за да можат да ослободат доволно простор за складирање на новото вино од годинешната берба. Заради ова постои релна можност оваа година да останат 30 милиони килограми грозје на нивите.

Ваквите исклучително тешки и сложени пазарни услови предизвикани од корона кризата, кои се без преседан и кои најверојатно дополнително ќе се влошуваат во наредниот период, сериозно ја влошија финансиската стабилност и ликвидност на сите македонски винарници и го доведоа под знак прашање целокупното производство, вклучително и плановите за откуп на грозје и цените што можат реално да ги понудат винарниците.
Во услови кога целиот свет трпи последици од пандемијата нереално е да се очекува да се задржи истата цена на грозјето, ниту да се очекува откуп на неквалитетно грозје. Откупување на поголема количина грозје ќе предизвика проблем на финансирање на залихите и дополнителен притисок на ликвидноста на винарниците. Дополнително, заради ценовните притисоци од интернационалните пазари, винарниците мораат да понудат пазарни цени за откуп на грозјето.

Како дојдовме до оваа состојба? Имено, веднаш по затварањето на угостителските објекти во март се обидовме да стапиме во контакт со ресорниот министер и првата средба ја остваривме дури во средината на април. Заедно со сите винарници, преку здружението „Вина од Македонија“, направивме бројни анализи и доставивме конкретни предлози со цел ДА СЕ СПАСИ винарството и лозарството во нашата земја. За жал, за овие наши предлози немаше конкретен слух и конкретна поддршка.

Во периодот од мај до јули 2020 година инициравме повеќе средби со претставници на надлежните институции на кои беше презентиран конкретен сет мерки кои ќе значат ВИСТИНСКИ спас за сите засегнати страни. Конкретно, средби со министерот за земјодество и во Владата беа одржани на 20. мај, 2. јуни, 6. јуни и 9. јуни, на кои ги разгледаваме предложените мерки од наша страна за спас на винската инсустрија од целосен колапс, како и нашите анализи за цените и количините грозје од годинешната берба.

Сите овие проблеми ги предвидовме и согласно на тоа предлживме мерки кои детално се објаснети во дописите кои беа доставувани до поранешниот министер Димковски. За жал за овие наши немаше слух од ресорното министерство, ниту од министеството за финансии, иако сите останати земји спроведоа мерки за спас на нивниот вински сектор уште во мај.

Инаку, нашите предлози кои ги доставувавме до владата го содржат следното:

– Во очекување на голем род, предложивме ограничување на родот преку зелена резидба со што државата ќе овозможеше директна помош на лозарите. За разлика од Словенија која одлучи да воведе ваква мерка и да им додели по 2000 евра на сите лозари кои ќе ја прифатат, нашето Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ја одби оваа мерка.

– Се разгледуваа опции за решавање на вишоците преку дестилат, но се утврди дека тоа како опција за нашата земја не е корисен чекор бидејќи тој дестилат би бил три пати поскап од етил алкохот што се користи во фармацевтската индустрија, со што таквиот дестилат нема да биде конкурентен. Инаку, големите светски вински сили ги прават овие чекори, но нивниот дестилат го продаваат на големи производители на жесток алкохол.

– Винариите требаше да се обврзат да откупат поголеми количини грозје, иако во јуни цените за наливно вино на светско ниво дополнително се намалија од 45 на 30 евро центи. Во вакви услови, поддршката од државата е неопходна за да може да се финансира дополнителниот откуп на грозје кој воопшто не им е потребен за винариите. Влегување во набавка на дополнителни количини за преработка значи и дополнителен товар кој винарниците не можат да се издржат. Затоа како индустрија побаравме да се обезбедат поволни кредити за да може да се обврземе за откупување на поголеми количини. Но, и за тоа не добивме конретен одговор.

– Предложивме и побаравме поддршка за извозот на вино за да може да се постигне конкурентна цена на светските пазари и да се исчистат залихите за да може да се создаде простор во винариите за новите колини вино што ќе бидат произведени од годинешната берба.

– Во редовни услови државата дава поддршка на лозарството од над 12 милиони евра, а за винарството само 250 – 300.000 евра. И при таква распределба, баравме да се даде повторно поддршка на лозарите, а не на винарниците.

Сето ова го знае ресорното министерство и досегашниот министер, но за жал не покажаа слух за проблемите и немаа конкретен одговор и чекори. Цело време баравме начин и бевме отворени за дијалог, но другата страна не најде начин да се реши проблемот. ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА, Владата мораше да направи конкретни чекори и да најде средства за спас на оваа гранка од економијата.

Во меѓувреме се појави дополнителен проблем. На почетокот на август се случи нешто што не е по ничија волја, нити политичка, ниту религиозна, ниту економска – падна дожд и се случија дополнителни големи проблеми. Неповолните временски услови, долги сушни периоди за време на вегетација на лозите, поројните дождови за време на зреењето, како и болестите кои го зафатија лозјето, имаат многу лошо влијание на квалитетот на грозјето оваа година, особено кај вранецот, кај кој се појавија и болести со катастрофални последици.

Поконкретно,
– Кај сите сорти има зголемени количини род, но со многу слаб квалитет;

– Вранецот во 2020 ќе биде со 15-19 шеќерни единици што значи дека не може да се произведе вино со соодветен квалитет и не ќе може да има повеќе од 9 – 10% алкохол;

– 20 – 30% од грозјето е зафатено со болест бутритис;

– Одговорните во МЗШВ треба да направат реална проценка на состојбата на терен и да дадат проценка дали навистина треба да се задржи ланската цена и дали барањата на лозарите се реални или целта е да се задоволи социјалата.

– Треба да се направат и анализи базирани на аргументи. Само за споредба, еден килограм грозје во Франција се плаќа 65 евро центи, но приносот е ограничен на не повеќе од 6-7 тони по хектар, т.е. приходот е 4200 евра по хектар. А, кај нас еден хектар кој има по 30 тони принос т.е. за 22-23 евро центи, еден лозар во нашата земја се бара да заработи по 6000 евра.

На последниот состанок со премиерот на 27.08.2020 усно беа презентирани предлог мерки за кои здружението „Вина од Македонија“ направи дополнителна анализа и прати одговор до владата и надлежните министри во договорениот рок. На овој наш допис сеуште нема одговор, а предлог мерките сеуште не се официјално објавени од владата и не се конкретни.

Се уште има недоумици за начинот на воведување на овие мерки:

– Најавено е дека државата ќе даде субвенција од четири денари како поддршка на индивидуалните лозари, но воопшто нема информација дали ќе има поддршка за вистинските лозари кои даваат најголем придонес кон индустријата;

– Дали и понатаму поголема поддршка ќе им се дава на малите лозари кои имаат 1-2 хектари, што е насочено само кон добивање на политички поени од секоја власт во изминатите 15 години?;

– Не е објаснето како ќе се исплаќаат и каква ќе биде динамиката на субвенционирање;

– Беше најавена поддршка преку покривање на трошоци за транспорт, но таа мерка е неизводлива за флаширано вино, за што дадовме став и аргументи но сеуште чекаме одговор од министерството. Дополнително, поддршката ќе значи само 1 цент по литар извезено вино. Потребно оваа подршка да се изведе на поинаков начин, за што дадовме конкретни предлози;

– Беше предложено да се промени законот за стокови резерви, но тоа ќе значи директна поддршка само на една винарија која стои зад сите интриги, а која располага со стари залихи со цел да ги дестилира и добие привилегија, а која прави голем проблем и на други пазари со што го нарушува угледот на македонското вино.

За жал, најголеми партнери на лозарите излегува дека се политичарите и оваа приказна се повторува уште од 80-те години од минатиот век, при што постојано се манипулира со лозарите.

Ова во пазарна економија и тоа не смее да се случува!

УСТАВНО ПРАВО е субјектите на пазарот самостојно да ги договараат цените и роковите за плаќање!

„Тиквеш“ има воспоставено систем и договори со долгогодишни партнери и веќе има откупено 6000 тони грозје.

Амбиентот е таков каков што е и мора да се направи напор од сите засегнати страни! Секогаш зборуваме со факти, не смееме да имаме импровизации.

Сега покажуваат со прст кон нас, но познато е дека луѓето кои ја зборуваат вистината не се многу омилени во земјата каде владее лагата.
Се вели дека не сме фер. Но, се појавила пандемија, дали е тоа фер? Грозјето нема соодветен квалитет, а се бара да се купи по иста цена, дали е тоа фер? Виното стои во визбите, дали е тоа фер? Цело време се фокусира поддршката кон лозарите, а никогаш кон винариите, дали е тоа фер?

Имајќи ги предвид сите овие негативни влијанија предизвикани од виша сила (пандемија, дождови), а истовремено сакајќи да излезе во пресрет на очекувањата на сите долгогодишни партнери, винарската визба „Тиквеш“ е во можност да ги понуди објавените откупни цени за грозјето од годинешната берба за да не отпушта работници и да може да опстои како винарија која е вистински амбасадор на македонското вино и на нашата земја во светот.

Истовремено, се надеваме дека и државата, како што најави, во рамки на својата политика за поддршка на земјоделството, ќе обезбеди соодветни субвенции за лозарите и поддршка за индустријата, со што ќе се ублажат негативните последици што ги предизвика актуелната криза врз целокупната македонска винска индустрија и лозарството“, велат од компанијата.

Поврзани вести

Која банкнота најмногу се фалсификува кај нас?

msp-admin

„Џонсон и Џонсон“ добија милијарда долари за вакцина од владата на САД

msp-admin

Бесплатно осигурување, престој во хотел, ефтини билети: Што ставаат „на маса“ авиокомпаниите во 2021 година?

Влатко Зорба