СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Јаневски: Во првата половина од 2020 година во македонската економија се влеале 100,7 милиони долари што е намалување од 34,7 проценти

Корона кризата ги извади на површина слабостите во домашниот туризам. Ако сакаме во викендите до крајот на годината да имаме туристи во домашните капацитети, ќе мора брзо да ги подобриме недоследностите: недоволно содржини, атракции, сместувања, услуга, управување со отпад и придржување до протоколите. Да се ослободиме од индивидуалниот интерес и да градиме заеднички пристап, бидејќи само на овој начин можеме да излеземе победници од оваа криза која се заканува да премине во економска, порачува во интервју за МИА директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.

Јаневски смета дека падот во секторот е на очекувано ниво и во рамки на европскиот просек. Има, вели, простор за оптимизам дека зацртаната цел е возможна – достигнување два милиона ноќевања во 2020 година. Државната помош за секторот дојде навреме, а претстојниот четврти пакет мерки не треба да биде линеарен, туку треба да овозможи помош со тоа што ќе го земе предвид остварениот промет во изминатиот трет квартал.

Според него, во првата половина од 2020 година во македонската економија се влеале 100,7 милиони долари што е намалување од 34,7 проценти споредено со истиот период лани.

Директоре, полека го заокружуваме септември што вообичаено за овие простори значи и привршување на сезоната. Како во бројки ќе изгледа оваа туристичка година и во каква состојба е моментно секторот?

Поради пандемијата, многу нешта во туризмот оваа година ќе се разликуваат од претходно, пред сé во поглед на губење на сезоналноста, бидејќи патувањата се прилагодуваа во зависност од состојбата со САРС ков 2 во дестинациите и сигурноста која тие ја нудат. Кога би направиле едно заокружување на 2020 година, падот во туристичкиот сектор е на очекувано ниво според статегиското планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и е во рамките на европскиот просек од – 67 отсто во бројот на туристи и 56 проценти во бројот на остварени ноќевања. Но, и покрај овој пад, во првата половина од 2020 година во македонската економија се влеале 100,7 милиони долари што преставува пад од -34,7 отсто, споредено со истиот период лани. Имајќи ги предвид мерките за превенција од КОВИД кои беа прилично ригорозни во вториот квартал, сепак, има простор за одреден оптимизам дека зацртаната цел е возможна. Во самиот почеток на кризата Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот излезе со проектирана цел за достигнување два милиона ноќевања во 2020 година иако во тој момент тоа изгледаше како невозможна мисија за голем број експерти во туризмот. Сега повторно оптимистички изјавувам дека бројката е возможна доколку сите работиме на нејзино остварување.

Базирајки се на истражувањата во 2019 година и трендовите во Македонија, од вкупниот број туристи кој изнесуваше 1,2 милиона, 32 процента биле домашни и оствариле приближно 1,6 милиони ноќевања што е 51 отсто од вкупните ноќевања за 2019 година. Втората фаза од отворањето на македонскиот туризам треба да биде кон регионот, односно соседните земји (Србија, Бугарија, Косово, Албанија, Хрватска ) и неколку дополнителни дестинации како Полска и Турција од кои во 2019 година сме генерирале 49 проценти од вкупниот број странски туристи. Ова ќе овозможи со континуирана промоција и насочени бизнис средби со туроператорите и туристичкиот сектор, подобар старт за 2021 година и можност под вакви услови да се организираат патувања кои ќе бидат насочени кон нашата дестинација.

Се очекуваат повеќе автобуски тури и индивидуални патувања на туристи од регионот кои ќе имаат изменети точки на интерес, барајки повеќе дестинации кои нудат активности во природа (како национални паркови, рурални средини, активен туризам,гастрономија), дестинации кои нема да бидат преполни со гости и кои нудат мали сместувачки капацитети. Пресуден елемент за нивната одлука која дестинација ќе ја посетат ќе зависи од сигурноста на дестинацијата и можноста за справување со САРС ков 2 пандемијата која ќе биде присутна во поголемиот дел на 2021 година.

 

Поврзани вести

Се зголемува финансиската поддршка за занаетчиите

Берта Китинска

Преку виртуелната Б2Б платформа до партнерства со странски фирми

Берта Китинска

Промет од 23 милијарди долари за девет часа на „Денот на самецот“