Поради пандемијата на коронавирус која доведе до колапс на туризмот, покрај авионите, ширум светот почнаа да се насобираат и бродови за кои во моментот нема работа.
Многу крузери се принудени да одат на одмор.
Некои од нив се закотвени во турското пристаниште Алијага, кое се користи за рециклирање на бродови.
Голем број бродови од Велика Британија и САД исто така го најдоа своето место таму.
Уште во март, американските власти забранија пловидба на крузери поради што тие мораа да останат на своите позиции, а слични наредби беа издадени од многу други земји.
Пред пандемијата, некои турски пристаништа обично примаа товарни бродови, но сега таму се наоѓаат и голем број џиновски крузери кои потоа се рециклираат.
„Забележавме зголемување во тој сектор поради кризата. Кога бродовите повеќе не можеа да најдат работа, тие се насочија кон расформирање и продажба на делови“, рече Камил Онал, директор на Здружението за рециклирање на бродови.
Како што наведе, околу 2.500 луѓе работеле во неколку тимови околу 6 месеци со цел да „демонтираат“ еден патнички брод. Пловилата доаѓаат од Британија, Италија и САД.
Ваквите „бродски гробишта“ ја зголемија количината на челик, добиена од бродски делови, на 1,1 милиони тони. Во јануари, таа бројка беше околу 700.000 тони.
„Се обидуваме да ја претвориме оваа криза во нова можност за работа“, додаде Онал.
Дури и неметалните делови не одат во отпад, туку се користат за други цели, а многу хотелски работници се заинтересирани за нив.