СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

„Хуавеи“ исфрлен од срцето на ЕУ

„Оранж“ и „Проксимус“ ја избраа „Нокиа“ за да помогнат во изградбата на 5G мрежи во Белгија откако се откажаа од „Хуавеи“ поради американскиот притисок да ја исклучат кинеската компанија од набавка на клучна телекомуникациска опрема.

Тие се меѓу првите комерцијални оператори во Европа што го исфрлија „Хуавеи“ од мрежите на следната генерација, а нивните потези се случија по повеќемесечен дипломатски притисок од Вашингтон, кој тврди дека Пекинг може да ја користи опремата на „Хуавеи“ за шпионажа, пишува Ројтерс

Седиштето на НАТО, Европската комисија и Европскиот парламент се наоѓаат во белгиската престолнина Брисел, поради што ова прашање ги загрижува особено американските разузнавачки агенции.

„Белгија стопроцентно се потпира на кинески продавачи за своите радио мрежи, а луѓето што работат во НАТО и ЕУ остваруваат телефонски повици преку тие мрежи“, рече Џон Странд, независен дански консултант за телекомуникации.

„Операторите испраќаат сигнал дека е многу важно да имате пристап до безбедни мрежи“, додаде тој.

Соединетите држави ја поздравија улогата на „Оранж“ и „Проксимус“, кои имаат договор за споделување на мрежата.

„Ова е најновиот пример за раскинување на договорот со „Хуавеи“ и дополнително потврдување на овој интензитет низ целиот свет кон сигурни продавачи“, рече Кит Лич, државен потсекретар на САД за раст, енергија и животна средина во Стејт департментот.

„Хуавеи“, најголемиот снабдувач на телекомуникациска опрема во светот, категорично ги отфрла обвинувањата на САД и негодува за повиците да се одбијат нивните договори за 5G.

Сепак, вчера, компанијата објави дека ги прифаќаат одлуките на „Оранж“ и „Проксимус“.

„Ова е резултат на тендери организирани од оператори, како и резултат на слободниот пазар“, рече портпаролот на „Хуавеи“.

„Ние прифаќаме фер конкуренција, колку е поразновиден синџирот на снабдување, толку е поконкурентен“, рече портпаролот, додавајќи дека „Хуавеи“ ја снабдува со опрема Белгија веќе една деценија и дека нивната обврска останува иста.

Договорот за испорака на опрема за „Оранж“ и „Проксимус“ е поттик за „Нокиа“, која се бореше да направи напредок на пазарот на 5G на почетокот на оваа година, дури и додека „Хуавеи“ беше под притисок.

Членките на ЕУ ја засилуваат контролата над таканаречените продавачи со висок ризик. Според „Ројтерс“, ова ќе го изложи управувањето и технологијата на Huawei на критички надзор и најверојатно ќе доведе до тоа другите европски оператори да ги отстранат од нивните мрежи.

„Нокиа“ и „Ериксон“ имаат најголема корист од проблемите со кои се соочува „Хуавеи“.

Белгија не е единствената земја што се откажала од користењето на опремата 5G на кинескиот технолошки гигант. Во јули, Велика Британија им нареди на компаниите да ја стават вон функција опремата на „Хуавеи“ до 2027 година. САД и Австралија претходно им забранија на нивните компании да ја користат опремата на компанијата со образложение дека тоа претставува ризик за националната безбедност.

Двете најголеми канадски телекомуникациски компании се здружија со „Ериксон“ и „Нокиа“ во јуни за да воспостават 5G мрежи и да го исфрлат „Хуавеи“ од проектот. Канада скоро две години студира дали да му ја довери работата на „Хуавеи“.

„Во дослух со државата“

Комитетот за одбрана на британскиот парламент во четвртокот објави дека нашол јасни докази дека „Хуавеи“ соработува со кинеската држава и дека Велика Британија можеби ќе мора да ја отстрани нејзината опрема порано од планираното.

„Западот треба итно да ја засили својата противтежа на технолошката доминација на Кина“, рече претседателот на управниот одбор Тобајас Елвуд. „Не смееме да ја предадеме нашата национална безбедност заради краткорочен технолошки напредок“, додава тој.

Комитетот не ги опиша деталите за врските, но рече дека видел јасен доказ за соработката на „Хуавеи“ со „апаратот на Кинеската комунистичка партија“.

„Хуавеи“ ја оспори веродостојноста на извештајот, велејќи дека тој се заснова „на мислење, а не на факти“.

„Уверени сме дека луѓето ќе погледнат преку овие неосновани обвинувања и ќе имаат предвид што „Хуавеи“ и достави на Велика Британија во последните 20 години“, рече портпаролот на компанијата.

Британските министри велат дека Западот бил изненаден од подемот на глобалната доминација на „Хуавеи“, основана во 1987 година од поранешен инженер на Народноослободителната армија.

Поврзани вести

Uber го призна статусот вработен на британските возачи, прв ваков случај во светот

Влатко Зорба

Земја во која економијата е имуна на последиците од коронавирусот

Влатко Зорба

Што може да се купи низ светот за еден долар?

msp-admin