Кина ќе биде единствената голема економија што ќе забележи раст годинава, додека поголемиот дел од светот ќе почувствува длабока рецесија поради пандемијата на коронавирусот, објави Меѓународниот монетарен фонд.
И покрај отворањето на економиите, глобалниот раст ќе биде во минус од 4,4 проценти, објави ММФ во последниот извештај за светската економија. Според таа проценка, ова е најтешката криза од Големата депресија во 30-тите години на минатиот век, пренесува „РТ“.
Светската економија доживеа раст во третиот квартал, поради што проценката беше корегирана за 0,8 проценти во споредба со претходната, што беше уште попесимистичко, објави ММФ.
Повеќето земји нема да се вратат на растот пред следната година, а за 2021 година глобалниот раст се проценува на 5,2 проценти.
Кина е единствениот исклучок кога станува збор за оваа година, бидејќи ќе избегне рецесија и ќе доживее раст, иако не како претходните години. ММФ проценува дека растот на БДП на Кина ќе биде 1,9 проценти во 2020 година, додека другите големи економии ќе имаат пад од 5,7 проценти.
„Кина ќе биде единствената меѓу најголемите економии што ќе забележи раст на производството оваа година во споредба со 2019 година, додека другите ќе имаат помало производство дури и следната година“, рече Гита Гопинат, главен економист на ММФ.
Гопинат додава дека кинеското закрепнување се заснова и на големата побарувачка на медицинска опрема и електронска опрема за работа од дома, кои се произведуваат во таа земја, што исто така го зголеми кинескиот извоз.
Според „Синхуа“, растот на Кина може да има позитивно влијание врз другите економии низ светот, особено на околните земји.
Економистите на ММФ предупредуваат дека ново влошување на пандемијата може да го загрози и одложи проценетото закрепнување на економијата.