Студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје имаат можност за бесплатна едукација за сајбер хигиена преку онлајн курсот „Cyber Hygiene E-Learning course“. Студентите се запознаваат со главните сајбер ризици, безбедносните напади во дигиталниот свет, како да ги заштитат своите лични податоци и податоците на електронските уреди и други информациски ресурси на интернет. Тие имаат уникатна можност за учење преку иновативен пристап, односно преку кратки видеа и презентации.
Курсот е организиран од американската компанија CRDF Global во партнерство со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Од ФЕИТ ги охрабруваат студентите, до крајот на март, да се пријават на овој курс, без разлика на кој факултет студираат. Учесниците ќе добијат сертификати за успешно завршен курс, а за најуспешните – ќе следуваат награди од организаторот.
„Повеќето не сме свесни, ниту размислуваме на колку опасности и ризици се изложуваме секојдневно додека користиме Интернет или даваме согласност на различни апликации кои ги симнуваме на паметните уреди. Сето ова е понагласено откако почнавме да работиме од далечина со користење на различни уреди поврзани на Интернет. Според статистиките со кои располагаме, на секои 39 секунди се случува некаков сајбер напад. Во пандемијата со Ковид 19, статистиките покажуваат дека стапката на сајбер криминал е зголемена за 300 проценти“, велат организаторите на курсот од Факултет за електротехника и информациски технологии.
Овој e-learning курс, според професорите на ФЕИТ, исто така ќе ги научи студентите како да ги заштитат информациите додека користат социјални мрежи, како да спречат Интернет измама, како и лесно да ги препознаваат изворите на лажни вести и да ги идентификуваат вообичаените грешки што се прават додека се користи Интернет.
Предавањата на кои студентите може бесплатно да пристапат се наоѓаат на следниот линк:
https://cybereducation.org/mc/index.php/usr/login/login
При тоа, најпрво студентите ќе треба да се регистрираат и да создадат кориснички профил. Повеќе информации и помош за логирање на страницата може да се најдат и на Фејсбук страницата на ФЕИТ.