„Група бандити на место претседатели на одбори крадат депозити од банка за што добиваат опомена од првиот човек на Народна банка. Повторно крадат и повторно само опомена. Така охрабрени продолжуваат, ја засилуваат и прошируваат кражбата. Им се дозволува и криминалот се игнорира и толерира. Кражбата во банката тече со години за да веќе кога достигне небесни граници од кои нема враќање, директно се затвори истата. Илјадници граѓани и фирми депоненти во банката, оние кои биле излажани и измамени да веруваат во сигурноста и чесноста на системот, дознаваат дека се покрадени од добро организирана криминална група. Почнува нивната животна агонија и макотрпна борба за вистината и правдата. Накусо, ова е приказната за случувањата во Еуростандард банка“, се вели во денешното соопштение на Здружението на оштетени штедачи.
„Трифун Костовски обвинува за организиран криминал и ги повикува ограбените граѓани и фирми на соработка. Но, не наведува кој ја извршил кражбата на нашите депозити ниту пак лицата или субјектите каде завршиле истите. Тоа за него е непознаница. Како долгогодишен претседател на надзорниот одбор, Трифун Костовски потпишувал и одобрувал ненаплатливи кредити во милионски суми во евра. Без или со мали покритија. Ниту почитувал политики и процедури за кредитен ризик ниту пак критериуми за одобрување на кредити според кредитна политика. Едноставно, заедно со неговиот син и претседател на кредитниот одбор Коста Костовски и претседателот на управниот одбор Николче Петкоски делеле ултра ризични кредити на избрани фирми на големо и без ограничување.
И после неполни шест месеци од затворањето на Еуростандард банка, наплатата на доспеаните кредити од правните и физички лица должници скоро и да не постои. Зошто е тоа така!? Затоа што Трифун Костовски и другите двајца ги поделиле нашите пари на вересија. Колку учествувале во поделбата на пленот со фирмите, сеедно, важно нашите депозити ги покрале. Увидот во билансите на десетици од најголемите фирми должници на банката покажува дека тие се презадолжени, во најголем број случаи и повеќе од 90 отсто. Односот на долгот спрема капиталот на фирмите е повеќекратно голем. Дел од фирмите се затворени, некои во стечај, а трети се во таква состојба да немаат што да дадат. А и голем дел од нив имаат единствено меница како обезбедување на кредитите во милиони евра. Заедничко за сите овие фирми должници е што не платиле ниту една рата со години.
И сега, ние да соработуваме со водачот на дружината која не покраде, ни го одзема целиот наш личен имот доверен во банката, за да сега ужива слободно со нашите пари додека неговото семејство продолжува да се однесува арогантно и расипнички!?
Се прашуваме уште колку време ќе чекаме да надлежните државни органи и основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја повика оваа некомпетентна криминална дружина предводена од Трифун Костовски да одговара кривично за нивниот грабеж на нашите депозити проследен со низа злоупотреби и проневери!? Доказите за тоа се многу лесно достапни, ги имаат веќе во рака. Криминалот во Еуростандард банка е чист како солза. Банката пропадна поради повеќегодишен толериран грабеж на депозити организиран и спроведен од познатава дружина првотимци од банката како предводници на криминалот. Што треба уште да се објаснува или докажува!?“, посочуваат оттаму.