Новата студија на Analysys Mason открива дека придобивките од 5G инфраструктурата може да бидат четири пати поголеми во однос на почетните трошоци за поставување на технологијата. Вкупниот поттик на европската економија е некаде околу 200 милијарди евра
Во позадина е 5G акцискиот план на Европската комисија – широко заснована стратегија насочена кон воведувањето на 5G услуги низ државите-членки на ЕУ до крајот на 2020. година, обезбедувајќи непрекинато покривање во урбаните области и долж главните транспортни канали до 2025. година.
Како што се ближи првата планирана пресвртница, телеком-гигантите Sony Ericsson и Qualcomm ja нарачаа консултантската и истражувачка компанија Analysys Mason детално да го испита европското 5G поднебје. „Севкупната цел на студијата е да се анализираат трошоците и придобивките од случаите на употреба на „целосниот 5G“ во Европа, за да се поддржи прегледот и потенцијалното ажурирање на Европскиот 5G акциски план“, објасни директорката на Analysys Mason, Џенет Стјуарт.
Извештајот почнува со ажурирање на статусот на воведувањето на 5G во земјите-членки. Досега, само 15 од 27 пазари од Европската унија ги лансираа своите 5G комерцијални мрежи, а клучните пазари како Данска, Франција и Португалија, меѓу останатите, дури треба да ја комерцијализираат новата технологија.
Водечка во Европа е Финска, каде 5G покриеноста како процент од населението веќе надмина 50 проценти. Останатите земји во првиот план на воведување се Австрија, Италија, Холандија, Романија, Ирска, Шведска, Германија и Шпанија – а сите се движат помеѓу 15 и 40 проценти на 5G покриеност. Просекот во ЕУ изнесува околу 20 проценти.
Без сомнение, долгоочекуваната технологија се повеќе се шири во Европа и низ светот. Меѓу поголемите пречки за 5G се високите трошоци и комплексноста поврзана со неговата инфраструктура. Всушност, целата дебата за Huawei е родена од фактот дека малку компании имаат големина и размери за да воспостават густина и софистицираност на мрежните кули, што се толку критични за 5G.
Според анализата на Analysys Mason, евентуалните придобивки од 5G се многу поголеми од трошоците. Досега, многумина веќе би знаеле за дополнителната брзина, размер и капацитет што доаѓаат со надградбата на 5G. Овие директни придобивки сами по себе се доволни да пружат значаен економски поттик.
Во исто време, истражувачите ја истакнуваат огромната додадена вредност од индиректните предности на 5G. Со целата своја дополнителна брзина и размер, 5G отвора пат за невиден напредок во сите сфери на „Industry 4.0“ технологијата – вклучувајќи ја вештачката интелигенција, машинското учење и Интернет на нештата, меѓу другите.
За возврат, овие иновации можат да донесат безброј случаи на употреба во сите индустрии и сфери на животот. Овој олеснувачки аватар е она што истражувачите го нарекуваат 5G „како тотално отворена иновативна платформа“. И економската вредност на таквата платформа е извонредна.
Врз основа на моделирањето на Analysys Mason, мрежните трошоци од 5G изнесуваат приближно 50 милијарди евра. Користејќи ја истата техника на моделирање, економските придобивки што произлегуваат од отворената иновативна платформа изнесуваат повеќе од 200 милијарди евра – пресметувајќи ги дополнителните БДП придонеси од секоја индустрија и случаи на употреба. Накратко, придобивките ги надминуваат трошоците за повеќе од четири пати.
Секако, овие придобивки се нерамномерно распоредени по сектори. На пример, тешките капитални и машински сектори, како што се фабриките, земјоделството, рударството и градежништвото, ќе имаат најголема корист од новите случаи на употреба на 5G, покрај зголемувањето на телекомите. Овие индустрии се на врвот на целосната трансформација од автоматизацијата, IoT и другите паметни технологии, а тука 5G е клучна состојка.
Другите сегменти, како урбаните хотспот места, општинските згради, како и аерoдромите и пристаништата, исто така, ќе бидат поттикнати од 5G технологијата, иако во помала мера од останатите индустрии. Во секој случај, истражувањето претставува добар знак за големи 5G инвестиции, што се неизбежни во месеците и годините што доаѓаат.