СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Голем број компании се интересираат за учество на проектот за изградба на првите две фази од пругата кон Бугарија

Не мал е бројот на компании што во овој момент се интересираат за учество на проектот за изградба на првите две фази од пругата кон Бугарија, вели во интервју за МИА, Хари Локвенец, директор на ЈП Македонски железници Инфраструктура.

Претквалификациската фаза за овој проект, што беше отворена на 5 јануари, завршува на 15 месецов во 10 часот, кога ќе се знае колку компании вкупно пројавиле интерес за учество на тендерот со кој ќе се избере компанијата што ќе ги гради делниците Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка.

Очекувањата на Локвенец се дека на крајот на февруари ќе имаат кратка листа со потенцијални изведувачи по што би следела објава на тендерот, како и работи на терен на почетокот на втората половина од годинава.

– Ова е исклучително важна тема од повеќе аспекти, на ниво на државните интереси, но сепак далеку од фокусот на народот и јавноста водејќи сметка дека сепак се поминати долги години како овој проект се пролонгирал. Во моментов сме во претквалификациска фаза на тендерот за изработка на првата и втората фаза од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар и втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри. Ќе остане уште третата фаза од Крива Паланка до границата со Република Бугарија во должина од 24 километри. Тендерот за претквалификација е распишан на 5 јануари и трае до 15 февруари до 10 часот изутрината до кога ги очекуваме сите понуди, кога и ќе ја имаме информацијата колку компании пројавиле интерс и дале своја понуда со лично портфолио и карактеристики со сето она што претходно го сработиле и кое е критериум при изборот на претквалифицирани компании кои би можеле да учествуваат на тендерот.

Имаме временска рамка, која можам да ви кажам е многу амбициозна, а главен аргумент за тоа ни е искуството од минатото на кој начин нештата се случувале и колку многу тешко се стасувало и до изработка на тендерска докуметација, отворање тендер и избор на изведувач и на самиот крај реализација на изведбените работи. Нашата цел е до крај на февруари да имаме евалуирано и избрано кратка листа на квалифицирани компании кои би учествувале на главниот тендер со свои понуди. Станува збор за еден тендер во два лота. Се надевам до крајот на февруари да ја добиеме кратката листа и да го објавиме тендерот водејќи сметка дека станува збор за меѓународен тендер. Периодот на подготовка на документација за финална понуда е 90 дена, што би значело дека до крајот на мај би требало да заврши процесот, рокот за поднесување на понудите, и после тоа останува очекувам период од две-три недели во кој би се извршила финалната евалуација и би ја добиле фирмата изведувач. Во овој момент од информациите кои можеме да ги добиеме од платформата на Европската банка за обнова и развој каде се поднесуваат сите документи и каде се пројавува интересот преку квалификации, најразлични појаснувања и поставувања прашања, можам да ве информирам дека е не мал бројот на компании кои во овој момент се интересираат за учество во овој проект. Тоа за нас е исклучително важно водејќи сметка дека главната интенција ни е од што е можно поголем број компании да ја избереме најдобрата и конечно овој проект почнат уште во минатиот век да го доведеме до крај, да стане реалност за македонските граѓани и конечно да се поврземе барем на Црното Mоре, а после тоа да продолжиме со проектот за поврзување со Јадранското Mоре преку западниот крак на Коридор 8, вели тој.

Поврзани вести

Ампева: Се штанцаат дозволи за прекувремена работа, да се прекине праксата на консултација само со бизнисмените

Берта Китинска

Битиќи на средба со претставници на стопанската комора на фотографи и видео дејност

Влатко Зорба

Азири: Ако кризата продолжи, дали државата ќе има пари и моќ за да ја издржи наредната година?